ВМРО-ДПМНЕ: Министерот Љупчо Николовски е временска непогода за земјоделството

ВМРО-ДПМНЕ: Министерот Љупчо Николовски е временска непогода за земјоделството

СДСМ и министерот за земјоделие, Љупчо Николовски, се вистинска временска непогода за македонското земјоделие. Дијалогот со земјоделците не постои, ниту министерот ниту неговиот заменик не се појавија помеѓу земјоделците, реагираат од ВМРО-ДПМНЕ на денешната прес-конференција на Николовски.

„СДСМ пред изборите ветуваше дека цената на оризот ќе изнесува 25 денари за оризова арпа, а ветувањето, пак, за откупната цена на белиот ориз беше 50 денари. Денес нема ништо од ова ветување на СДСМ. Цената на оризот во моментов е до двапати помала од таа што ја ветуваше СДСМ. Ова беше уште една лага на од СДС само за да добијат глас повеќе на изборите и да седнат во фотелјите. Николовски на оризарите им ветуваше и интервентен откуп, но од тоа нема ни трага ни глас, а во овие моменти е доведена во прашање идната реколта на ориз бидејќи ланската сè уште не е откупена“, велат од ВМРО-ДПМНЕ.

Првпат, додаваат од партијата, по толку години државните субвенции се намалија во однос на претходната година, а, пак, во однос на предизборните ветувања на СДСМ субвенциите се помали за цели 24 милиони евра во однос на ветените 160 милиони евра.

„СДСМ ги измами земјоделците и со ветувањето за зелената нафта, пред да дојде на власт ветуваше пониски трошоци за земјоделците за нафта, а сега од позиција на власт ја зголеми нејзината цена за речиси 4 денари“, велат од ВМРО-ДПМНЕ.