ВМРО-ДПМНЕ: Министрите на СДС отидоа на одмор оставајќи ја државата во пламен

ВМРО-ДПМНЕ: Министрите на СДС отидоа на одмор оставајќи ја државата во пламен

„Цела Македонија гори, а владата на СДС никаде ја нема. Министрите на СДС отидоа на одмор и ја оставија целата држава во пламен и наместо да бидат на терен, тие чекаат дождот да им ги изгаси пожарите“, изјави Марио Цветковски, член на ИК на ВМРО-ДПМНЕ.

Во согласност со информациите што доаѓаат, додава Цветковски, моментно во Македонија се активни 15 пожари, а досега гори над 2,5 илјади хектари шума или опожарена е дрвна маса од приближно 12 илјади кубици.

„Изминатиот период беа регистрирани над 160 шумски пожари, а на министерот за земјоделство шумарство и водостопанство око не му трепнува да излезе на увид, да преземе конкретни мерки и да ја спречи катаклизмата што им се заканува на животите, здравјето и на имотот на граѓаните.

Според информациите на медиумите, додека гори во Чашка, на Караџица, кај Маркова Река, во Тетовско, во Кичевско, во Прилепско и во Мариово, во Тиквешијата и во Македонски Брод, министерот Николовски си тера годишен одмор во странство.

Министерот Николовски и целата влада на СДС покажаа крајна несериозност, неодговорност и некомпетентност. Тие немаат капацитет да се справат со настанатата ситуација на терен. Дозволија состојбата со пожарите да ескалира до алармантно ниво.

Дозволуваа и по десетина дена да беснеат пожари, неконтролирано да се шират и да ги загрозуваат животите, куќите и имотот на граѓаните, па дури потоа да преземат недоволни активности на терен. Освен нивната негрижа за граѓаните од зафатените подрачја, дојде до израз и некадарноста да се справат со подметнувачите на пожарите.

Според информациите, повеќето од пожарите биле подметнати, а надлежните институции и по десетина дена не открија сторител и не посочија ефективни мерки кои ќе превенираат ново подметнување пожари.

Целата одговорност за состојбите со пожарите оди на душа на владеењето на СДС и нивното незнаење да се справуваат со оваа појава. Оттука е разбирливо зошто најповиканиот ресорен министер за шумарство, најверојатно, избрал подалечна дестинација за одмор со цел да не мора да ги слуша повиците на граѓаните што се директно загрозени од огнените стихии.

Незнаењето и немањето капацитет не е оправдување за негрижата и неодговорноста на оваа влада на СДС.

Тие со своето несовесно работење и непреземање конкретни мерки многу бргу ќе ја понесат политичката одговорност, уште на следните локални избори“, изјави Марио Цветковски, член на ИК на ВМРО-ДПМНЕ.