ВМРО-ДПМНЕ: Одлуката на Апелација скандалозна, судот замижа пред фактите

ВМРО-ДПМНЕ: Одлуката на Апелација скандалозна, судот замижа пред фактите

Отфрлањето на жалбите на одбраната и решението патриотите да останат во притвор е целосно правно неиздржано, реагира опозицијата по одлуката на Апелациониот суд.

„Притворените патриоти не се терористи. Уметниците, пратениците, полициските службеници и другите притворени во врска со настаните од 27 април не сториле никаков терористички акт, немале намера да се скријат од правдата ниту, пак, влијаеле или имале намера да влијаат врз истрагата. Оперските пејачи, глумците, режисерите, архитектите, докторите и другите се жртви на политички прогон само заради тоа што имаа храброст гласно да го искажат своето несогласување со антидржавните политики на власта.
Судот денес беше соучесник во уништувањето на правната држава. Судиите не собраа сили да се кренат над притисокот и политичките конструкции“, обвинуваат од ВМРО-ДПМНЕ.

Преку соопштение испратено до јавноста тие одлуката на Апелација ја оценија како скандалозна и политички конструирана. Велат дека институциите паднале на тестот за владеење на правото и покажале дека Македонија нема капацитет за придвижување на државата кон евро-атлантските структури.

„Судот замижа пред сите факти и аргументи. Судот замижа пред извештајот на народниот правобранител, во кој јасно се вели дека полицијата извршила прекршување на законот при апсењето, со што директно извршила кривично дело од чл. 140 од КЗ непочитувајќи го имунитетот на пратениците, но и пресумцијата на невиност“, велат од ВМРО-ДПМНЕ.

Додаваат дека судството не смее да ѝ биде алатка на политиката.