ВМРО-ДПМНЕ: Постапката по интервјуто на Вук Јеремиќ е доказ дека во Македонија нема правен систем

ВМРО-ДПМНЕ: Постапката по интервјуто на Вук Јеремиќ е доказ дека во Македонија нема правен систем

Отворената предистражна постапка „по допрен глас“ за интервјуто на Вук Јеремиќ е уште еден доказ дека во Македонија нема правен систем и правда која е подеднаква за сите туку партиско политички прогон нарачан од Заев и неговата хунта, обвини ВМРО-ДПМНЕ.

„Заев пред неколку месеци најави дека функционери од власта се предмет на истрага, но јавноста уште нема информација кој му ги соопштил тие сознанија на Заев, а органите на прогон кријат за кои случаи станува збор. Странски државјанин излезе со јавно обвинување дека в.д. директорот на Агенцијата за филм, Горјан Тозија, го рекетирал ‘Јадран филм%, но постапка околу овој случај не беше покрената по јавно допрен глас“, велат од ВМРО-ДПМНЕ.

Од таму наведуваат дека по јавно допрен глас не беше покрената ниту постапка за бројните сведочења за изборното насилство и сите закани кои беа упатувани кон гласачите.

„Не беше покрената постапка кога насилници влегуваа со пиштоли или кога отворено се говореше дека криминалци под команда на СДС делат поткуп низ државата. Не беше јавно соопштено ниту дали се отвора предистражна постапка за криминалот на Заеви со ‘Цареви кули’ или криминалот поврзан со ‘Тритерол’“, велат од партијата.

Од таму додаваат дека очекуваат што е можно побргу Јавното обвинителство да излезе со информација за оваа предистражна постапка за да може потоа  да се процесуира случајот и против Вук Јеремиќ и против сите медиуми блиски до СДС кои ја злоупотребуваат оваа изјава заради нарушување на честа и угледот.