ВМРО-ДПМНЕ по изборите ќе ги отпишува долговите за вода и за ѓубрарина

ВМРО-ДПМНЕ по изборите ќе ги отпишува долговите за вода и за ѓубрарина

На прес-конференција, која се одржа пред централниот штаб на ВМРО-ДПМНЕ, Светислав Васев од оваа партија вети дека кога ВМРО-ДПМНЕ ќе ги добие локалните избори, ќе спроведе проект за еднократен отпис на долговите за вода и за ѓубрарина.

„ВМРО-ДПМНЕ има предвидено реални мерки и проекти за подобрување на животниот стандард на граѓаните. Со стапување на функција на градоначалниците на ВМРО-ДПМНЕ и конституирањето на општинските совети, ќе спроведеме проект за еднократен отпис на долгови за вода и ѓубрарина заклучно со 30.9.2017 година за сите социјално загрозени семејства. Потенцирам, ќе биде извршен целосен отпис на долговите за вода и ѓубрарина за долговите настанати заклучно 30.9.2017 година за следните категории граѓани: приматели на социјална и постојана парична помош, категорија што опфаќа околу 35.000 граѓани; семејства што се приматели на посебен додаток, односно имаат лица со пречки во развојот, категорија што ќе опфати околу 8.000 граѓани; семејства што се во потешка материјална состојба, односно имаат приходи помали од просечната нето-плата во Република Македонија“, рече Васев.

Овој проект, како што додаде тој, произлегува од нашите средби што ги имавме со лицата од социјално загрозените семејства и честите барања за ослободување од плаќање на сметки за вода и комуналии. Васев додаде дека со оваа мерка ќе се избегнат и тужбите и трошоците за извршители за сите лица и семејства опфатени со овој проект.

„Граѓаните што долго време не можеле да го вратат долгот за вода и имале дури и тужени обврски кон водоводните претпријатија, ќе може да здивнат од тужбите и извршителите. Отписот на долгови за вода и комуналии ќе биде донесен како мерка на првата седница на советите на општините и ќе стапи во сила веднаш, односно од ноември 2017 година“, нагласи Васев.