ВМРО-ДПМНЕ: Сведоци сме на срамно пазарење со највисоките државни интереси

ВМРО-ДПМНЕ: Сведоци сме на срамно пазарење со највисоките државни интереси

На денешната прес конференција партијата ВМРО-ДПМНЕ ги изнесе своите ставови во врска со политиката на Владата што се однесува на интеграциите во ЕУ и НАТО.

„Република Македонија треба да стане членка на Европската Унија и НАТО! ВМРО-ДПМНЕ секогаш се залагало, во моментов се залага и во иднина ќе продолжи со заложбите за членство на Република Македонија во ЕУ и НАТО. Сепак, неуспехот во остварување на двете стратешки цели од страна на Владата предводена од СДСМ и ДУИ може да има сериозни последици врз Република Македонија“, сметаат тие.

Според нив, доколку не се обезбеди решение за спорот за името кое Република Грција го има, а кое решение нема да задира во македонскиот национален идентитет и доколку не се обезбеди влез во ЕУ и НАТО, одговорноста целосно е на товар на несериозната, шарлатанска и антидржавна политика што ја водат Зоран Заев и коалициските партнери.

„Најголемата трагедија е тоа што сметката за ваквиот однос кон националните интереси на крајот ја плаќаат Република Македонија и нејзините граѓани. Владата вчера одмолчи и не се огради од изјавите на Артан Груби. Нема дури ниту информација од страна на Владата до посредникот Метју Нимиц дека предлозите кои ги изнесува Груби не се предлози на македонската страна, туку предлози на грчки авторитети. Министерството за надворешни работи и Премиерот Заев се должни да одговорат кој го прати Артан Груби на средба со посредникот Нимиц?“, прашува ВМРО-ДПМНЕ.

За средбата на Артан Груби со Метју Нимиц тие прашуваат, „во чие име Груби ги изнесува идеите на грчките авторитети? Кои се тие идеи? Зошто се кријат од македонската јавност? Дали пораките на грчките авторитети Премиерот Заев ги пренесува токму преку Артан Груби?“.

Во пресрет на разговорите меѓу Димитров и Коѕијас според партијата се наметнува дилемата за кои одвоени прашања ќе разговараат двајцата министри, и дали ќе останат на ставот дека нема да се разговара за идентитетот, за промена на Уставот, јазикот и националноста – како што ветуваше Заев или се е ставено на маса за пазарење како што изјави Груби.

„СДСМ и ДУИ како да се натпреваруваат кој ќе направи поголема отстапка без да се направи проценка за штетата што ја предизвикуваат на сметка на македонските национални интереси. Сведоци сме на срамно пазарење со највисоките државни интереси. Македонија и македонскиот народ не го заслужиле овој однос и третман од страна на Зоран Заев и владеачката гарнитура. Доколку наводите на Груби не се точни и не се преговара за идентитетот, јазикот и националноста, Владата мора веднаш да се огради и да ги отфрли неговите идеи. Уште еднаш повторувам и бараме како ВМРО-ДПМНЕ, доколку Груби настапува волунтаристички, Премиерот Заев веднаш да преземе соодветни мерки и да го санкционира однесувањето кое ги урива македонските национални интереси. ВМРО-ДПМНЕ останува на ставот дека промена на Уставот во насока на промена на уставното име, промена на идентитетот и јазикот не смеат да бидат предмет на преговори!“, сметаат ВМРО-ДПМНЕ.