ВМРО-ДПМНЕ: СДСМ ја задолжи државата за 1,4 милијарди евра

ВМРО-ДПМНЕ: СДСМ ја задолжи државата за 1,4 милијарди евра

Задолжувањето стана основен механизам за функционирање на оваа влада. Помина само еден месец откако власта нè задолжи 600 милиони евра. Денес повторно нè задолжи за нови над 36 милиони евра, велат од ВМРО-ДПМНЕ.

Од опозицијата обвинуваат дека од почетокот на годинава за неполни два месеци СДСМ се задолжила 636 милиони евра. „Со ова вкупното задолжување откако СДСМ е дојдена на власт до денес се искачува на близу 1.4 милијарди евра“, велат од ВМРО-ДПМНЕ.

Владата, велат од партијата, се задолжува неконтролирано и без основа, а граѓаните не знаат на што се трошат милијардите кои утре со камати треба да ги враќаат.

„Нема ниту еден нов инфраструктурен проект, болница, училиште, градинка, не е набавена нова медицинска опрема, не е изграден ни еден километар канализациони мрежа, не се покачени пензиите, ниту социјалната помош, а сепак се задолжуваме. Каде завршуваат стотиците милиони евра?“, прашува ВМРО-ДПМНЕ.

Од партијата апелираат секое наредно задолжување да биде неопходно и реално поткрепено со план за реализација на капитални инвестиции.

„Буџетот не е приватна сопственост на СДСМ. Буџетот го полнат граѓаните и тие мора да знаат на што, како и колку пари се потрошени“, велат од ВМРО-ДПМНЕ.