ВМРО-ДПМНЕ: СДС два ипол месеци не може да пушти во употреба веќе завршен автопат

ВМРО-ДПМНЕ: СДС два ипол месеци не може да пушти во употреба веќе завршен автопат

Неспособноста на СДС од ден во ден сè повеќе излегува на површина. Два ипол месеци се на власт, а не можат да пуштат во употреба веќе завршен автопат. Ветуваа 600 километри нови автопатишта, а сега гледаме дека не можат да пуштат во употреба ни автопатска делница која е веќе завршена од Владата на ВМРО-ДПМНЕ, изјави Славче Трпески, член на ИК на ВМРО-ДПМНЕ.

Автопатската делница Демир Капија – Смоквица, рече тој, во должина од 29 километри и вкупна вредност од 218 милиони евра, важи за една од најтешките автопатски делници во Републиката, која е целосно реализирана од страна на Владата на ВМРО-ДПМНЕ, и единствено чека пуштање во употреба веќе два и пол месеци.

„Единствена причина зошто денес граѓаните на Република Македонија не се возат по новиот автопат, е неспособноста на Владата предводена од СДС, цело лето да дислоцира електричен столб и да добие одобрение за градба за диспечерски центар. Незаинтересираниот министер за транспорт и врски, Сугарески пред три недели во изјава за медиуми, изјави дека бара од ЈП за државни патишта и АД МЕПСО да ја комплетираат документацијата потребна за решавање на овие две банални прашања. Поминаа три недели, а јавноста нема одговор во што е проблемот. Граѓаните не можат да чекаат неспособниот Сугарески да изведе најобична административна процедура, која се решава во рок од неколку дена“, рече тој.

Доколку СДС сака да го реши ова отворено прашање, рече Трпески, може на првата наредна седница на Влада да донесе одлука согласно членот 65 од Законот за користење и располагање со стварите во државна сопственост, кој е легитимен основ за запишување на правото на сопственост на овој вид објекти.