ВМРО-ДПМНЕ: СДС планира да ја задолжи државата за речиси 1 милијарда евра

ВМРО-ДПМНЕ: СДС планира да ја задолжи државата за речиси 1 милијарда евра

Владата на СДС планира да ја задолжи државата наредната година за речиси 1 милијарда евра, тврдат од опозицијата.

„СДС во изминатиот период на владеење покажа како не треба да се раководи со буџетската каса. СДС со потрошените 610 милиони евра за само шест месеци со ниту една реализација на проект кој е во корист на граѓаните го докажа своето расипништво. Владата на СДС секојдневно ги задолжува граѓаните и ја уништува иднината на идните генерации. СДС донесе единствено живот за кредиторите на Македонија“, велат од ВМРО-ДПМНЕ.

Оттаму тврдат дека власта во 2018 година планира да ја задолжи државата за нови 854 милиони евра, 566 милиони евра на странскиот пазар и 288 милиони евра на домашниот пазар.

„Скандалозно е што македонската економија е на работ на колапсот, а владата на СДС и покрај тоа што го планира најголемиот буџет кој Македонија го имала досега, ги заборави реалните потреби на граѓаните. СДС наместо да ја потпомогне македонската економија ги намали субвенциите предвидени за земјоделците за цели 24 милиони евра, пензиите нема да растат, а платите се зголемуваат селективно“, обвинува ВМРО-ДПМНЕ.

Опозицијата додава дека владата ги крати субвенциите за земјоделците,  а оризарите, лозарите и градинарите молат за поголема откупна цена и помош од државата.