ВМРО-ДПМНЕ со најскапа изборна кампања, СДСМ собрал 211 илјади евра од членарина

ВМРО-ДПМНЕ со најскапа изборна кампања, СДСМ собрал 211 илјади евра од членарина

Најскапа изборна кампања за локалните избори има опозициската ВМРО-ДПМНЕ, покажаа финансиските извештаи за првите 10 дена доставени до  Државната изборна комисија. Според поднесените извештаи, ВМРО-ДПМНЕ од 207 донатори собрала вкупно 2.882.792 денари или приближно 47 илјади евра, а од членарина 30.000.000 денари или 488 илјади евра. За партијата донирале кандидатот за градоначалник на општина Гевгелија, Иван Франгов, кој донирал 1000 евра, како и градоначалникот на општина Аеродром, Ивица Коневски, кој за партијата издвоил 500 евра. Коце Трајановски, кандидатот за нов мандат на град Скопје на 20 септември уплатил 1000 евра. Од останатите кандидати за градоначалници на ВМРО-ДПМНЕ, 1000 евра дал кандидатот за нов мандат како градоначалник на општина Гази Баба, Тони Трајковски, како и Јохан Тарчуловски. Жарко Караџоски, ексдиректорот на ЈП Македонски шуми бил поскромен, па одвоил само 5000 денари.

Ексминистерот Владо Мисајловски, донирал 1000 евра, а со нешто пониски суми на списокот донатори запишани се и пратеникот Ванковер Манчев, кој дал 20.000 денари, експремиерот Емил Димитриев на 29 септември уплатил 21.500 денари. Од она што може да се заклучи е дека сумите за донациите се евидентирани во ист ден, па така Васе Доневски, Васил Пишев и Љубен Арнаудов донирале различни суми во ист ден, на 29 септември. Телевизија Сител, омилениот тв-канал на ВМРО-ДПМНЕ, ќе добие најмногу пари за кампањата, околу 68 илјади евра. Нешто помалку се предвидени за Канал 5, Телма, ТВ 24 и Алсат-М. Опозициската партија се рекламира и на Фејсбук. За тоа предвиделе 230 илјади денари или 3700 евра.

76 лица за владејачјката СДСМ донирале вкупно 36 илјади евра. Александар Наумоски, кандидатот за градоначалник на општина Ѓорче Петров, донирал 2500 евра. Од останатите донатори, нема звучни имиња на списокот. Членството на владејачката партија било поскромно во уплатите за членарина од ВМРО-ДПМНЕ, па така, СДСМ за изборната камапња пријавила 13.000.000 денари или приближно 211 илјади евра. Гого Видимче, Методија Тасевски и Иванчо Илиевски на втори октомври донирале иста сума – по 184.500 денари.

СДСМ пријавил дека од телевизиите се рекламира само на Алсат-М за сума од 768.750 денари или приближно 12.500 евра. Владејачката партија пријавила ртасходи за транспорт, изнајмување простор и рекламен материјал. Левица води скромна кампања со само 2000 евра од донации. Кај ДУИ пријавена се само приходи од членарина и тоа во износ од 6500 евра. Донации – нема. За партијата БЕСА, 6 луѓе донирале 5800 евра, а од членарина собрале 13.300 евра. Алијанса за Албанците собрале 19.200 евра од донации. Овие финансиски извештаи се од денот на отворање на трансакциската сметка до крајот на 10-иот ден од изборната кампања.

В. Маглешов