ВМРО-ДПМНЕ: Срамно е да се скандализира градбата на црквата „Св. Елена и Константин“

ВМРО-ДПМНЕ: Срамно е да се скандализира градбата на црквата „Св. Елена и Константин“

Срамно е да се скандализира градбата на црквата „Св. Елена и Константин“ во Скопје, а да се молчи за поткупот на Заев од 200 илјади евра кој го бараше за себе, реагираат од ВМРО-ДПМНЕ.

„Срамно е да се скандализира изградбата на црквата ‘Св. Елена и Константин’ и со манипулации да се напаѓа ВМРО-ДПМНЕ, а да се молчи за видеоснимка на која се гледа како Зоран Заев бара поткуп за себе од 200.000 евра, криејќи се зад наводна изградба на црква во Струмица, за што постои и видеозапис. Самиот прилог на Нова ТВ во кој наводно се открива некаков измислен скандал со градбата на црквата ‘Св. Елена и Константин’ е одличен пример на замајување на јавноста“, вели опозицијата.

Додаваат дека промената на името, „неуставниот закон за двојазичност“, договорот со Бугарија, покачената акциза на нафтата се меѓу темите што се премолчуваат.

„Сето ова паѓа во втор план, а најважен е обидот лажно, со неосновани напади да се конструира слика за некаков криминал кој не постои. И тактиката е колку повеќе се говори за измислен криминал толку повеќе да се заборави на сè ова што претходно го наведовме“, смета ВМРО-ДПМНЕ.

Велат дека членовите и функционерите на ВМРО-ДПМНЕ партиципирале во донаторските акции за изградба на црквата „Св. Елена и Константин“ со свои доброволни донации и прилози, во зависност на сопствената волја и проценка.

„Отворено ги прашуваме Соросовите гласила кои работат по нарачка на СДС зошто толку многу им пречи изградбата на црква во централното градско подрачје на Скопје и дали тоа не е уште удар врз македонскиот национален идентитет во чиј составен развој е православната црква, и дали не е уште еден обид за идентитетско обезличување на македонскиот народ?“, прашува опозицијата.