ВМРО-ДПМНЕ: Судот е директен учесник во раздорот предизвикан од владата на СДСМ

ВМРО-ДПМНЕ: Судот е директен учесник во раздорот предизвикан од владата на СДСМ

Партиските инсталации во судството го рушат функционирањето на правдата и правната држава, потенцираат во денешното соопштение од ВМРО-ДПМНЕ.

„Очигледно е дека судиите станаа партиски послушници и војници. Јасно е дека во овој момент Република Македонија е во тотален мрак, а од правната држава нема ни П“, велат од опозициската партија.

Оттаму додаваат дека судовите го погазиле принципот на непристрасност и директно ги поткопале темелите на македонската правна држава.

„Доколку судиите имаа интегритет, совест и свест ќе ги ослободеа сите неправедно притворени лица од 27-ми април, но очигледно е дека за нив е најважен политичкиот интерес. Вистинските виновници кои го прекршија Уставот и законите, во моментов ги водат институциите на Република Македонија. Уметниците, пратениците, полициски службеници не се терористи. Дурловски, Јовановски, Дамовски, Илиевски, Божиновска, Чавков и останатите приведени се жртва на политички прогон само заради нивната храброст гласно да го искажат своето несогласување со антидржавните политики на власта на Заев“, наведуваат од ВМРО-ДПМНЕ во соопштението.

Како што велат, судиите кои донесоа одлука за продолжување на притворот на искрените и чесни патриоти и уставобранители, се срам за судството и владеењето на правото, а одлуката на Апелациониот суд ја оценуваат како скандалозна бидејќи не се темелела на факти и докази.

ВМРО-ДПМНЕ бара веднаш, како што нагласуваат, овој политички монтиран случај да биде повлечен, а притворот за уставобранителите да биде прекинат.

„Судот стана алатка за политичка инквизиција која и се случува на Република Македонија. Судот е директен учесник во раздорот и продлабочувањето на кризата кои произлегуваат од катастрофалните политики на владата на СДСМ. Наместо да се придвижуваме кон Евроатланскиот пат, СДСМ со водење на ваква срамна и самоуништувачка политика, со монтирање и фабрикување на монтирани судски кривични постапки ја оддалечува Република Македонија и нејзините граѓани од европските стандарди“, стои во соопштението на партијата.