ВМРО-ДПМНЕ ќе блокира крстосници и ќе протестира пред кривичниот суд

ВМРО-ДПМНЕ ќе блокира крстосници и ќе протестира пред кривичниот суд

Опозицијата најави и денеска блокирање крстосници во Скопје, по што во 18 часот ќе протестираат пред Основниот суд Скопје 1 Скопје.

Во период од 15 до 17 часот блокирани ќе бидат крстосницата кај „Мавровка“, крстосницата помеѓу улиците Васил Чакаларов и Ангел Динев во Карпош и крстосницата кај Рампа во населбата Кисела Вода.

„Македонија е единствената држава во Европа во која народни избраници од опозицијата се притвораат без причина. Македонија е единствената држава во Европа во која се притвораат уметници, оперски пејачи, режисери, актери и активисти со измислени обвиненија.
Македонија е единствената држава во Европа во која се притвораат полициски професионалци и лажно се обвинуваат за тероризам. Не постои ниту еден доказ за обвинението за тероризам што сака да го конструира власта на Заев против Дурловски, Чавков, Јовановски, Дамовски, Илиевски и другите. Постои само желба за политичка одмазда од страна на хунтата против сите што имаа храброст јавно да им се спротивстават на антидржавните политики.
Откако хунтата на СДС е на власт, Република Македонија не е демократска држава. СДС ја погреба демократијата“, велат од ВМРО-ДПМНЕ.

Додаваат дека притворите за пратениците од редовите на ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата „За подобра Македонија“ се целосно неосновани, исто како што е неосновано обвинението за тероризам, кое им се става на товар ним и на лицата поврзани со настаните од 27 април.

„Случајот што се води против 36-темина недолжни граѓани е чист политички прогон, кој не се заснова на правото и законите, туку на заканите и потребите на хунтата. ВМРО-ДПМНЕ поради оваа неправда што се случува, останува на улиците сè додека хунтата ги гази законите и се изживува со граѓаните“, стои во соопштението на опозицијата.