(ВИДЕО) Пожарот што од Матка се пробива кон Водно и Шишево бил подметнат

(ВИДЕО) Пожарот што од Матка се пробива кон Водно и Шишево бил подметнат

Пожарот што денеска околу 13 часот избувна во кањонот Матка и кој полека се шири кон село Шишево и кон Водно бил подметнат.

Директорот на Јавното претпријатие „Паркови и зеленило“, Душан Авировиќ, за „Макфакс“ изјави дека во борбата со огнената стихија учествувале 35 пожарникари и специјален хеликоптер за гаснење пожар, но поради непристапниот терен, екипите биле повлечени и ќе може да продолжат со гаснење дури утре, во раните утрински часови. Пожарот е оставен да тлее, а четири екипи внимаваат на неговото проширување.

„Во текот на летото имаше седум пожари, но на попристапни терени, кои веднаш беа локализирани. Сега првпат се соочуваме со пожар на толку непристапен терен. Денеска имаше осум прелети на хеликоптери кои фрлаа вода во појасот зафатен од огнот, а ќе продолжат и утре“, вели Авировиќ.

Во опасност е средновековниот манастир „Свети Никола“, но Авировиќ истканува дека ќе биде сторено сè за ова древно богатство да биде заштитено.

Тој соопшти и дека има информации оти пироманот што го подметнал пожарот е фотографиран од туристи и веќе се работи на негова идентификација.

Директорот на ЈП „Паркови и зеленило“ најави дека во текот на утрешниот ден ќе бараат од надлежните министерства да се воведе забрана за движење не само во парк-шумата „Водно“ туку и во другите национални паркови и дополни дека ќе бараат и поригорозни казни за предизвикувачите на пожари.

Инаку, надлежните не очекуваат дека пожарот опасно ќе се проширува, иако во кањонот Матка има ветер. Потенцираат дека едноставно теренот е толку непристапен што навистина не може да се интервенира во ноќни услови.

К.Л.