Во река во Северна Дакота пронајдено телото на Македонецот Дамјан Неделковски

Во река во Северна Дакота пронајдено телото на Македонецот Дамјан Неделковски

35-годишниот Македонец, Дамјан Неделковски, кој се водел како исчезнат уште од ноември лани, бил пронајден во водите на реката Канонбол, во Северна Дакота, САД, објави ЛА Тајмс.

Телото на Дамјан, како што пишува медиумот, го пронашол локален рибар, а аутопсијата не покажала знаци на насилство. Шерифот на округот Мортон, Кајл Кирхмаер на прес конференција потврдил дека телото на Неделковски е пронајдено во реката, но и дека не се знае колку долго било таму, со оглед дека сè уште на себе имал фармерки, маица и патики.

„Тоа е мое мислење, врз основа на досегашните искуства… Телото не беше во распаѓање, како што би било ако останало пет месеци во вода“, изјавил Кирхмаер за медиумот.

Неделковски последен пат бил во контакт со пријателите и семејството околу 26 октомври лани, а неговиот полубрат го пријавил како исчезнат на 16 ноември. Тој живеел во Глендејл, а потекнува од Македонија.

Според податоците од полицијата, на 28 октомври тој бил запрен од сообраќаец во Јужна Дакота поради брзо возење и рекол дека оди на протест. Возилото што го изнајмил и со кое патувал кон Северна Дакота било пронајдено на 23 февруари. Полицијата уште тогаш почнала потрага по евентуално удавено лице во близина на кампот, но не било ништо пронајдено.

Шерифот на округот уште изјавил дека некој роднина на Неделковски со сомнева дека го забележал на видеоснимка од протестот на 2 февруари, но не е сигурен дека бил тој.

Телото на Неделковски, според полицијата, веројатно ќе биде пренесено во Македонија.

Oригиналната сторија е достапна на следниот линк: http://www.latimes.com/socal/glendale-news-press/news/tn-gnp-me-pipeline-death-20170410-story.html