Во „Станица 26“ вечерва Дамир Пух, утре Ерик Геилс

Во „Станица 26“ вечерва Дамир Пух, утре Ерик Геилс

Концертната агенција и продукција „3 гонга“ од Скопје во соработка со ноќниот клуб „Станица 26“ започнува со концертни настапи на звучни и препознатливи џез и блуз-музичари не само од земјава, туку и светски етаблирани. Па така, вечерва, на 11 октомври, со почеток во 22 часот настапува македонскиот гитарист, текстописец и продуцент Дамир Пух. Неговиот настап е наедно и концертна промоција на неговиот нов албум.

Дамир учествуваше на гитарски мизички избор надвор од Македонија, каде во ранг на 450 гитаристи од цел свет беше избран во најдобрите 7.

Веднаш следната вечер на 12 октомври со почеток во 22 часот закажан е концертен настап на американскиот гитарски феномен Ерик Геилс, за кој светската критика симболично вели дека е музичка реинкарнација на Џими Хендрикс.

Зад новоформираната концертна агенција и продукција „3 гонга“ стојат тројца исклучителни и долгогодишни музикофили Александар Пејчиновски – Пејчи, Васја Ивановски и Здравко Ситновски – Ситна, подеднакво познати на скопската андерграунд и мејнстрим сцената.

За ноември „3 гонга“ има зацртано уште поамбициозна програма… како засебни концертни настапи ќе имаат холандскиот гитарист Јан Акерман, нашиот брилијантен гитарист Дамјан Пејчиноски, понатаму љубимецот на скопјани Рамбо Амадеус и американскиот тапанар Денис Чемберс. Кон крајот на октомври концертна промоција ќе има и нашиот гитарист Давид Нешкоски.