Вработените во три државни инспекторати пред штрајк оти два месеца немаат земено плата

Вработените во три државни инспекторати пред штрајк оти два месеца немаат земено плата

Нема кој да им ја потпише платата на вработените во три државни инспекторати. Вршителите на должноста директор на Државниот градежен инспекторат, на Државниот комунален инспекторат и на Државниот пазариштен инспекторат на локалните избори беа избрани за градоначалници, со што автоматски им прекина директорската функција, а Владата, иако од изборите поминаа повеќе од два месеца, нема назначено нови директори. Единствени овластени потписници на платите во овие институции се директорите, а по нивното заминување за градоначалници, работните места стојат празни.

„Како што сега стојат работите, ќе стаса и третата плата оти, еве, дури и денес да се назначи директор, додека да завршат процедурите за негов упис и целокупната документација за смената, секако ќе навлеземе во друг месец. Не се само платите проблем, ние веќе немаме основни услови за работа. Истечени се регистрациите на возилата, па не смееме да ги користиме, секојдневно стигнуваат сметки за плаќање парно, телефони и други трошоци, кои нема начин да ги платиме“, велат од Комуналниот инспекторат.

Вработените во трите инспекторати, незадоволни од доцнењето на платата, веќе се во преговори за организирање штрајк, но се двоумат од страв да не ги изгубат работните места.

Пеце Грујовски, претседател на Синдикатот на работници од управата, правосудните органи и здруженијата на граѓани (УПОЗ), вели дека е известен за проблемот и доколку не се најде решение, ако работниците побараат, ќе организира штрајк.

„Се работи за технички проблем, нема кој да ги потпише платите. Ние веќе имавме еден состанок, на кој стана збор за доцнењето на платите во овие институции и заклучивме дека треба да се бара некакво решение за да се исплатат платите сега, пред Нова година. Доколку вработените се одлучат за штрајк, ние ќе им дадеме на институциите рок за исплата на платите и ако не го почитуваат, ќе организираме штрајк. Засега вработените не побарале такво нешто, но известени сме дека сакаат да штрајкуваат и оти има големо незадоволство. Им советувавме дека не може само да излезат и да штрајкуваат, туку дека мора да се почитуваат процедурите за штрајк“, вели претседателот Грујовски нагласувајќи дека тие ќе инсистираат Владата да најде некое преодно решение за да не се чека назначување нови директори поради долгата процедура.

Од Владата не одговорија на прашањето зошто досега не се назначени директори на инспекторатите. Владиниот портпарол Миле Бошњаковски кусо објасни дека се работи на решавање на проблемот.

„Во тек е постапката за назначување нови кадровски решенија. Очекуваме таа да заврши набргу и да се реши ситуацијата соодветно“, објасни портпаролот Бошњаковски.

Со неисплатата на платите трите инспекторати директно го прекршуваат Законот за работните односи.

„Платата се исплатува за периоди што не смеат да бидат подолги од еден месец. Платата се исплаќа најдоцна 15 дена по изминувањето на исплатниот период. Работодавецот е должен претходно писмено да ги извести работниците за денот на исплаќањето и за секоја промена на денот на исплаќањето“, стои во Законот за работни односи.

Ексдиректорот на Државниот градежен инспекторат, Борјанчо Мицевски, кој беше избран за градоначалник на Oпштина Крива Паланка, вели дека тој повеќе нема никакви овластувања.

„Сите вработени таму се на исто ниво, никој од вработените нема овластување за потпис. Директорот на оваа институција е владино решение. Јас веќе немам никакви обврски, не можам да потпишам за плата“, вели Мицевски.

Освен него, градоначалници станаа и вршителот на должноста директор на Државниот комунален инспекторат, Ивица Димитров, и вршителот на должноста директор на Државниот пазариштен инспекторат, Исен Шабани.

Димитров е градоначалник на Виница, а Шабани на Врапчиште.

 

(М.И.П.)