Втор дел од денешната 16 –та маратонска дебата: ВМРО-ДПМНЕ не се откажува

Втор дел од денешната 16 –та маратонска дебата: ВМРО-ДПМНЕ не се откажува

 

Вториот дел на собраниската седница не навести ништо ново во однос на започнатата дебата која трае со денови, при што главни на говорницата се пратениците од ВМРО-ДПМНЕ.

 

За реплика и контра-реплика попладнево се јавуваат колегите на Драган Данев, кој го има главниот збор. Се зборува главно за т.н платформа, а одвреме-навреме се прозиваат и пратениците од СДСМ да се вклучат во нивната дискусија.

 

„Да, почитувана колешка Рангелова, нашите заеднички проекти за подобра иднина на сите треба да бидат нашата заедничка платформа. Само така ќе можеме да одиме напред. Со оваа платформа што ја прифати СДСМ се враќаме назад“, рече пратеникот Драган Данев одговорајќи на реплика на неговата колешка Даниела Рангелова.

 

Зекир Рамчиловиќ од Партијата на бошњаците во колација со ВМРО-ДПМНЕ, како и неколку негови претходни говорници ги повика СДСМ да се вклучат во дискусијата и, како што рече, да одговарат на прашањата кои ги засегале граѓаните.

 

„Очекуваав на следниот говорник да се јават за збор. Но, немаше пријавени од СДСМ. Почитувани колеги, вака, со молчење, не се решаваат проблемите.На овој начин само отворате простор за сомнеж и шпекулациии меѓу народот, кој секојдневно протестира и бара одговори“, рече Рамчиловиќ.

 

Инаку, македонската јавност во овие изминати денови успеа да ги види речиси сите пратеници на ВМРО-ДПМНЕ  говорницата. Обично на отворена дискусија на пратеник од ВМРО-ДПМНЕ се јавуваат речиси сите 50-тина пратеници за реплики, во кои по којзнае којпат го повторија претходно кажаното. Досега е исцрпена дискусијата по осум од 50 пријавени пратеници./крај/мф/гд