Вучиќ и Пленковиќ го отвориле и прашањето за воени репарации

Вучиќ и Пленковиќ го отвориле и прашањето за воени репарации

За време на дводневната посета на Загреб, српскиот претседател Александар Вучиќ се сретна и со хрватскиот премиер Андреј Пленковиќ и со претседателот на хрватскиот сабор, Гордан Јандроковиќ. Тие зборувале за сите отворени прашања, како и за воените репарации.

„Со претседателот на Србија разговарав за сите отворени прашања меѓу двете земји – исчезнатите лица, за границата, правосудската соработка, на темата за воени репарации, заштита на малцинствата, сукцесијата и економска соработка, европскиот контекст и за односи во Југоисточна Европа“, објави Пленковиќ.

Вучиќ потврди дека разговарале за сите овие прашања, вклучително и за прашањето за воените репарации, додавајќи дека по тоа прашање имал поинаков став од оној на Пленковиќ. По средбата српскиот претседател движејќи се пеш кон Саборот имал вербален судир со пратеникот на Мост, Миро Буљ, кој преку обезбедувањето му дофрлил на Вучиќ прашувајќи го кога ќе оди во Глина, на што Вучиќ му одговорил: „Да не мислите дека се уплашив од Вашето дофрлање, ќе Ви одговорам на секое прашање, кога и да посакате!“.

Вучиќ со претседателот на хрватскиот парламент, Гордан Јандроковиќ, како што пренесе неговиот кабинет, разговарале за односите меѓу двете земји, за правата на Србите во Хрватска и на Хрватите во Србија, како и за соработката помеѓу српскиот и хрватскиот парламент.

Претседателот Вучиќ нагласил дека двете земји имаат доволно нерешени прашања од минатото и затоа е многу поважно да се гледа во иднината.