Град Скопје: Нема забрана за влез на возила од други градови поради загадувањето

Град Скопје: Нема забрана за влез на возила од други градови поради загадувањето

Градот Скопје реагира на информациите што се објавија на некои портали во врска со наводна забрана за влез на возила во Скопје од другите градови како дел од мерките против загадувањето.

„Град Скопје не планира никаква забрана за влез во Скопје со моторни возила, како што пренесоа некои од медиумите. Градот Скопје во насока на намалување на влезот на возила во Скопје размислува за имплементирање систем на комбиниран превоз, каде што на граѓаните од внатрешноста ќе им овозможи бесплатен паркинг на влезовите во Скопје, а до својата дестинација да стигнат користејќи го јавниот превоз (железница, автобус или велосипед)“, соопшти Градот.

Некои процени во јавноста говорат дека секој ден во Скопје влегуваат десетици илјади возила од градовите од внатрешноста и тие значително придонесуваат за сообраќајниот метеж во Скопје.

Овој систем на паркирај и вози го има во сите поголеми метрополи и станува збор за успешен модел кој дава одлични резултати, а неговото воведување беше и дел од изборната програма на градоначалникот Петре Шилегов на изборите во 2017. Овој систем има цел да го олесни јавниот превоз во Скопје, транспортот да биде побрз и поевтин од користењето сопствено возило, а воедно да се охрабри користењето на комбинираниот јавен превоз.