(Видео) Груби: Доколку Иванов не го потпише Законот за јазиците, тој повторно ќе се врати во Собранието

(Видео) Груби: Доколку Иванов не го потпише Законот за јазиците, тој повторно ќе се врати во Собранието

Пратеникот на ДУИ, Артан Груби, по гласањето на низата закони во Собранието, вели дека 15 години по потпишувањето на Охридскиот рамоковен договор, со гласањето на Законот за јазиците бил заокружен мировниот договор, а сега останува да се имплементира. Груби им се заблагодари на сите што гласале „за“, но и на тие што не гласале против законот.

„Сметам дека овој закон е поддржан од сите страни бидејќи сите партии се потписници на Охридскиот рамковен договор. Очекувам опозицијата да го поддржи овој закон, иако не беа во Собранието за време на гласањето. Со овој закон ќе добие Македонија, а ќе се релаксираат меѓуетничките односи, ќе се затворат многу теми кои произлегуваат од нормативниот дел на Охридскиот рамковен договор“, вели Груби.

Законот за употреба на јазиците треба да биде потпишан и од претседателот Иванов за што Груби очекува позитивен резултат.

„Доколку Иванов не го потпише законот и застане против Охридскиот рамковен договор, тој ќе се врати повторно во Собранието, каде што повторно ќе се гласа. Го повикувам Иванов да стане дел од успешната приказна на заокружување на Охридскиот рамковен договор“, додава Груби.

Коментирајќи ги состојбите во политичката партија Беса, Груби вели дека треба да се почека конгресот, а потоа да се види што ќе се случува. Тој смета дека пратениците на Беса, „Алијансата за Албанците“ и ВМРО-ДПМНЕ треба да ги поддржат реформските процеси, а со тоа, ако ѝ мислат добро на државата, мора да ги изгласаат законите.

К. Ландов