Груевски негира вина во случајот „Траекторија“

Груевски негира вина во случајот „Траекторија“

Лидерот на опозицијата, Никола Груевски повторно изјави дека негира било каква вина во случајот „Траекторија“, каде се терети за злоупотреба на службената положба и овластувања за лични цели во постапката за избор на компанија за изградба на автопатните делници Миладиновци – Штип и Кичево – Охрид.

Тој истакна дека сѐ што направиле било согласно законот и поминало на седница во Собранието.

„Бев поканет на суд со колегите, обвинети сме за нешто што Владата на СДСМ го направила  во минатото, но и сега го прави. Во минатото имаме случај каде што при изградбата на хидроцентралата „Козјак“, на исти начин и во иста постапка владата на СДСМ, земала кредит од Кина и ја исфинансирала градбата на „Козјак“. Сега кога повторно дојде на власт СДСМ, на исти начин и во иста постапка се направи анекс на договорот, а тој анекс се преточи во закон за потоа да помине во парламент. За нешто што се правело во минатото, се прави и сега, ние сме обвинети, па сега видете“, рече Груевски.

Поранешниот вицепремиер за економски прашања, Владимир Пешевски ги избегна камерите без коментар за судењето и текот на постапката.

Во случајот „Траекторија“, заедно со Груевски обвинети се и вицепремиерот Владимир Пешевски, ексминистерот за транспорт и врски, Миле Јанакиески, и поранешниот директор на Агенцијата за државни патишта, Љупчо Георгиевски. Според обвинението што го покрена СЈО, тие му нанеле штета на државниот буџет од најмалку 155.117.172 евра и за истиот износ на компанијата изведувач ѝ овозможиле да стекне имотна корист.

К. Ландов