Груевски сакал да си го врати пасошот и преку Врховниот суд

Груевски сакал да си го врати пасошот и преку Врховниот суд

Експремиерот Никола Груевски побарал од Јавното обвинителство на РМ судот да му го врати пасошот, дознава „Макфакс“. Но, спротивно од случајот на Сеад Кочан, кога Обвинителството на Зврлевски се прогласи за надлежно да го застапува предметот пред Врховниот суд, од ЈОРМ овој пат рекле дека не се надлежни и за тоа барање да се обратат во СЈО.

„Јавното обвинителство на Република Македонија ценеше дека не е надлежно да постапува по доставената иницијатива и ја препрати во надлежното Јавното обвинителство за гонење кривични дела поврзани и кои произлегуваат од содржината на незаконското следење на комуникациите на натамошно постапување“, велат од ЈОРМ за „Макфакс“. Овој предмет е втор ваков, откако Обвинителството, како што претходно објави „Макфакс“, на ист начин постапило и по барањето на ексминистерката за култура Елизабета Канческа-Милевска, која побара судот да ѝ го врати пасошот.

Сè започнало на 4 август кога Груевски преку адвокатот Димитар Дангов до Јавното обвинителство на РМ поднел иницијатива со барање за заштита на законитоста за судот да му го врати пасошот, кој му е одземен за случајот „Титаник“. Информацијата за „Макфакс“ ја потврди неговиот адвокат Димитар Дангов. Но, барањето не стигнало до највисокиот суд, туку до СЈО, кое е надлежно да го застапува случајот пред Врховниот суд.

Од специјалното обвинителство велат дека единствено тие се надлежни да постапуваат во сите три инстанци на предметите што се под нивна надлежност. Законот за јавното обвинителство за кривични дела поврзани и кои произлегуваат од содржината на незаконското следење на комуникациите е јасен. Ова јавно обвинителство е овластено да постапува во сите три инстанци во предметите по наша надлежност. Во овој контекст ние постапивме и кога беше поднесено БЗЗ во случајот „Труст“ бидејќи и во тој случај надлежно беше токму ова јавно обвинителство“, велат од СЈО за „Макфакс“.

В. Маглешов