Груевски утре, наместо на судење, ќе може во судот да ги слуша бомбите за уривањето на „Космос“

Груевски утре, наместо на судење, ќе може во судот да ги слуша бомбите за уривањето на „Космос“

Експремиерот Никола Груевски, кој е еден од обвинетите во случајот ТНТ на СЈО за уривањето на комплексот „Космос“, утре најверојатно нема да се појави на закажаното судење, потврдија дел од неговите адвокати за „Макфакс“. Рочиште за овој предмет нема да има бидејќи, како што велат, одбраната се договорила со судијата Огнен Ставрев да направат увид во доказите што се наоѓаат во судот. На минатото рочиште атмосферата во судница се вжешти кога судискиот совет одлучи дека обвинетите нема да ги добијат прислушуваните разговори и СМС-пораките што СЈО ги предложи како доказ. Обвинетите може да ги слушаат бомбите, но само во судот. Обвинителите на СЈО, пак, во судницата неколкупати говореа дека одбраната, иако била повикана, не направила увид во прислушуваните разговори со објаснување дека тие биле незаконски. Меѓу доказите што ги предложи обвинителството на Катица Јанева се 26 аудиоснимки од телефонски разговори, 50 СМС-пораки и едно вештачење.

Сите седуммина обвинети, меѓу кои поранешниот премиер и лидер на ВМРО-ДПМНЕ, Никола Груевски, поранешниот министер за транспорт и врски, Миле Јанакиески, и поранешниот градоначалник на општина Гази Баба, Тони Трајковски, се изјаснија како невини. Според обвинението на СЈО, обвинетите во 2011 година сториле кривично дело од политичка омраза со уривање на комплексот „Космос“ на нивниот политички противник Фијат Цаноски. Цаноски, пак, и претставникот на фирмата ФИМЕТ најавија дека ќе поднесат побарувања за причинетата штета. Апелациониот суд лани одлучи прислушуваните разговори во случајот ТНТ да може да се користат како докази во судската постапка.

В. Маглешов