Грујевски и Бошкоски преку адвокатите побарале работните места во МВР да им бидат во мирување

Грујевски и Бошкоски преку адвокатите побарале работните места во МВР да им бидат во мирување

Поранешните началници на Управата за безбедност и контраразузнавање, Горан Грујевски и Никола Бошкоски, сè уште се вработени во Министерството за внатрешни работи. Министерот за внатрешни работи, Оливер Спасовски, вели дека таква е законската процедура.

„Преку своите адвокати Грујевски и Бошкоски побараа нивните работни места да бидат ставени во мирување. Таква е постапката кога се во притвор, а таква е постапката и дури ако бидат осудени на казна затвор. Затвор до шест месеци не значи прекин на работниот однос, освен ако не се утврдат дополнителни дела. Тие сè уште се водат во редовен работен однос, но работните места им се во мирување и не земаат плата за периодот на мирување“, рече министерот Спасовски.

Истото важи и за двете службенички вработени во Управата за безбедност и контраразузнавање, кои денес добија условни казни од девет месеци, а за една од нив условната казна е две години.

Спасовски вели во април 2016 година ги суспендирал сите осомничени во предметот „Тврдина 2“ на специјалното јавно обвинителство, но на 19 мај, кога за министер се вратил Митко Чавков, ги повлекол суспензиите и ги прекинал сите дисциплински постапки.

Министерот Спасовски очекува набргу да заврши екстрадицијата на Грујевски и на Бошкоски.

„Јатаците, луѓето што им помагале, не се од МВР, но во истрагата сè е можно. Не се точни тврдењата дека немало преведувач, па тоа ја кочи екстрадицијата. Преведувач има, работи во судот“, рече министерот Спасовски.

Тој најави дека ќе има посебна истрага за пасошите на поранешните началници и за идентитетите што ги користеле. Грујевски, кој е во екстрадициски притвор во Солун, денеска беше осуден во отсуство на една година и шест месеци затвор во предметот „Тврдина 2“.

(М.И.П.)