Грчките конзервативци водат пред СИРИЗА

Грчките конзервативци водат пред СИРИЗА

 

Десноцентристичка партија Нова демократија ја зголеми својата предност пред левичарската СИРИЗА и доколку сега има избори конзервативците ќе победат со разлика од 17,5 проценти, покажува најновата анкета.

За Нова демократија денес би гласале 33 отсто од анкетираните, додека 15,5 отсто за СИРИЗА. Екстремно десничарката Златна зора повторно е трета политичка сила во Грција со 7,5 отсто доверба кај гласачите, следена од комунистичката партија со седум отсто , Демократскиот блок (ПАСОК-ДИМАР) со 6,5 отсто. Останатите партии се под трипроцентиот цензус за влез во Парламентот.

Испитувањето на јавното мислење доаѓа по принципиелната спогодба, што во петокот ја постигнаа грчката Влада и кредиторите на земјата. Анкетата покажа дека 18 отсто од избирачите се согласуваат дека премиерот Алексис Ципрас води тешки преговори со кредиторите за доброто на земјата, но 73 отсто оценуваат дека тој доцни со финализирање на ревизијата на грчката програма, затоа што стравува од политичката цена што ќе треба да ја плати и затоа што сака да остане на власт.

Само 19 отсто од анкетираните Грци сакаат коалициската влада меѓу СИРИЗА и Независни Грци да го истера целиот четиригодишен мандат, 30 отсто сакаат предвремени избори, додека 38 отсто повикуваат на составување коалициска Влада во која би учествувале сите парламентарно застапени партии.крај/мф/сс