Гутиерез: Македонија по медиумските слободи е на европското дно

Гутиерез: Македонија по медиумските слободи е на европското дно

Македонија е на самото дно во Европа кога се во прашање медиумските слободи. Само во пет земји на континентот новинари се наоѓаат во затвор, а меѓу нив е и нашата. Голем процент од новинарите се изјасниле дека чувствуваат притисок при извршувањето на професионалните задачи поради што силно е изразена автоцензурата. Европската федерација на новинари излезе со остри критики поради влошувањето на состојбата во медиумскиот простор во Македонија, а проблемот го гледа пред се во некоректниот однос на политичарите кон новинарите и кон медиумите во целина.

Генералниот секретар на Европската федерација на новинари Рикардо Гутиерез кој се наоѓа во посета на Скопје изјави дека се уште е загрижен од , како што рече анти-новинарскиот однос на политичарите, на владата и на поранешниот премиер Никола Груевски. На прес-конференцијата која ја одржа заедно со претседателот на Здружението на новинари на Македонија Насер Слемани, Гутиерез рече дека Федерацијата ги мониторира сите случаи на затворени новинари и дека за жал такви има и во Македонија. Зборувајќи за притворот на новинарот Зоран Бижиновски европскиот претставник рече дека толку долг притвор „просто е невозможен“ во една европска земја.

– Не можам да разберам дека новинар или воопшто кој било граѓанин може да биде во притвор повеќе од една година. Тоа е целосно неприфатливо во Европа – рече Гутиерез.

Зборувајќи за регулацијата на медиумите околу која се кршат копјата во последниот период, Гутиерез истакна дека Македонија има сосем пристојни законски одредби за регулирање на медиумите и дека не гледа потреба од нови. Прекумерната регулација и непотребните дополнителни закони, според него, се надвор од европските стандарди. Се што треба е да се почитуваат и доследно да се применуваат веќе постоечките одредби. Притоа тој инсистираше дека претходната влада уште пред една година потпишала две европски препораки: едната за заштита и безбедност на новинарите а втората за слободата на медиумите на интернет. Со овие препораки практично на владата и е оневозможено да ја ограничува слободата на изразување на интернет поратлите и дополнително таа се согласила дека нема да наметнува непримерни казни.

– Уредувачката политика на медиумите во интернет просторот е гарантирана со законот, политиката и практиката. Новинарите не смеат да бидат предмет на закана од владата и не треба да практикуваат автоцензура во страв од можни напади или казни – рече Гутиерез.

Претседателот на ЗНМ Насер Селмани од своја страна рече дека здружението усвоило декларација за лошата состојба во медиумите. Според него Владата користи „гола сила и корупција“ за контрола врз медиумите. Зголемен е бројот на нападите врз новинари, од почетокот на годинава веќе се регистрирани пет нови случаи, поради што ЗНМ бара итно пронаоѓање и казнување на насилниците.

– Не е проблемот во законите. Овие негативни појави не се поради немањето закони туку поради немањето желба кај институциите да ги применуваат тие закони – рече Селмани.

Според последното истражување во кое учествувале илјада новинари од 48 европски земји, дури 37 проценти од испитаниците изјавиле дека работат под притисок од закани. Поразителен е фактот дека на Балканот процентот на новинари кои изјавиле дека се чувствуваат „притиснати“ изнесува 46,9 отсто, а ситуацијата е полоша само во Турција каде таа бројка достигнува 64,4 проценти.

Драган Милосављевиќ