Дачиќ: Добро е што мојот предлог за поделба на Косово предизвика нервоза

Дачиќ: Добро е што мојот предлог за поделба на Косово предизвика нервоза

Српскиот министер за надворешни работи, Ивица Дачиќ, изјави дека нервозата што ја предизвика неговиот предлог за разграничување на сè српско и сè албанско на Косово е најдобар показател за тоа по кој пат треба да се оди.

– Добро е што во јавноста е отворен дијалогот за Косово и што се слушаат разни идеи. Интересно е, а тоа го забележа и претседателот на државата Александар Вучиќ, дека досега само мојата идеја за разговорите за разграничување, на тоа што е српско и тоа што е албанско, предизвика голема нервоза на многу страни – рече Дачиќ за Спутњик.

Таквата нервоза, како што наведе, не предивикуваат ни предлозите за откажување од Косово ни предлозите да се одржи замрзнат конфликт, пренесува „Танјуг“.

– Можеби сета оваа нервоза, која ја предизвика мојот предлог, е и показател за тоа по кој пат треба да одиме и како да дојдеме до решение, со кое сите страни ќе бидат незадоволни – рече тој.

Дачиќ, потоа додаде, само едно такво решение истовремено ќе обезбеди траен компромис за иднината.

– За деталите од планот ќе разговарам со претседателот на Србија, Александар Вучиќ, кога внатршниот дијалог за Косово ќе стане институционализиран – најави Дачиќ.