(ВИДЕО) Две години потоа -„Диво Насеље памети“?! Нови куќи, но стари сеќавања

(ВИДЕО) Две години потоа -„Диво Насеље памети“?! Нови куќи, но стари сеќавања

Пишува Габриела Д. Мишевска

По две години од вооружениот конфликт во кумановско „Диво Насеље“, животот тече нормално. Наместо, разрушени и изрешетани куќи, на улицата „Перо Илиевски“ денеска има сосема поинаква слика. Никнале нови домови, во модерен стил, кои во меѓувреме беа изградени и обновени со средства од државата и од донации од странство.

Но, жителите велат, да точно е, нови се куќите, но свежи се сеќавањата на кобните настани од 9 и 10 мај.За разлика од тогаш, овој пат жителите на Диво Насеље не беа многу расположени да евоцираат спомени. Дел од нив велеа дека им паѓа тешко да се враќаат назад затоа што вооружените престрелки им ги враќаат траумите.

„Децата сè уште се будат од сон и прашуваат дали надвор повторно има ‘бум-бум’, односно дали надвор повторно се пука. Сопругата ми е болна, а од тогаш постојано ја носам по лекари.Многу тешки денови, полицијата насекаде, пукотници, врисоци на жени и деца, тие два дена како да траеја цела вечност, дури сум жив ќе ги паметам. Она што нам ни се случи, не би посакал на најголемите душмани да им се случи. Беше како беше, но никогаш да не се повтори, рече 70-годишниот Адем Ибрахими, жител на улицата „Перо Илиевски“.

Неговиот сосед Рустем Ибрахими вели дека и ден денеска не му е јасно што се случило на 9 мај 2015.Како што раскажува тој, утрото во куќата влегле двајца полицајци, но не му кажувале зошто се кај него. По некое време почнале пукотниците и сите се сокриле во подрум. Ибрахими вели дека за преживеаните трауми негови и на неговото семејство ќе ја тужи државата и правдата ќе ја тера до крај.

„Власта знае најдобро што ни случи нам.Ни виновни ни должни,ниту Македонци, ниту Албанци никој не знаевме ништо. Државата треба да сноси одговорност затоа што тие сигурно знаеле дека имаат некои групи кои цела недела пред да дојдат овде се шетале по Гошинце и Липково и не презеле ништо.Тие најдобро си знаат што направија, а нас нè малтретираа напразно, нè испрашуваа, нè носеа во станици…Вистината мора да излезе на виделина“, порачува Ибрахими.

За градоначалникот на Куманово, Зоран Дамјановски, најважно е што овој настан не ги загрозил меѓуетничките односи во Општината и граѓаните покажале висока свест за соживот во Куманово.Тој воедно изрази сочувство до семејствата на загинатите припадници на полицијата.

„Куманово имаше големо премрежие, кое го издржа доистоинствено и не подлегна на провокации.Граѓаните покажаа дека се за градење на граѓанското општество и не дозволија да избие меѓуетнички конфликт.Во чест на загинатите полицајци денеска се одржа меморијален турнир кој го организираше едно од семејствата на загинатите.Со ова укажуваме дека Куманово памети, не заборава, но испраќа порака за мирен и достоиствен живот без насилство“, рече Дамјановски.

Инаку, во оружената престрелка покрај осумтемина припадници на полициските сили, беа убиени и 10 припадници на вооружената група.По завршување на настаните беше проценето дека се оштетени 66 куќи, кои беа обештетени од државата.
Инаку, за настаните од Диво Насеље во тек е судски процес кој треба да ги расветли настаните, односно да покаже кој стои зад вооружената група и дали инцидентот е монтиран и од кого. Се очекува првостепената судска постапка за Диво Насеље да финишира кон крајот на овој месец, при што обвинети се околу 40 лица за кривично дело тероризам. /крај/