Две поранешни соработнички ја загрозуваат кариерата на Бандиќ

Две поранешни соработнички ја загрозуваат кариерата на Бандиќ

 

 Загрепчаните конечно ќе имаат интересни избори, оценува хрватски „Индекс“. За прв пат изборот на градоначалник ќе биде неизвесен до самиот крај и Милан Бандиќ, кој владее со Загреб со мали прекини од 2000-та година, не е сигурен победник, а титулата му ја загрозуваат две поранешни соработнички.

Загрепчани досега му ги простуваа сите пропусти и скандали на Бандиќ. Така, во еден период три години градоначалник беше Власта Павиќ бидејќи Бандиќ возеше пијан, предизвика мала сообраќајна несреќа, се обиде да избега, а на полицаецот што го запре му даде отказ. Сепак, Ивица Рачан го примора да се повлече, но сепак казната не беше премногу тешка. Тој беше заменик на градоначалничката, ја понижуваше секогаш кога имаше можност за тоа, во нејзино отсуство потпишуваше одлуки што не ги одобруваше таа и  организираше тури низ градот за да ја покаже како некомпетентна ..

Кога во 2005 година предводејќи ја листата на СДП доби втор мандат, Бандиќ започна со брутално владеење. Работеше буквално се што ќе му паднеше на памет – со пријателите менуваше земјиште, плаќаше огромни суми за мали работи, го задолжуваше градот, туркаше проекти без оглед на отпорот на граѓаните, вработуваше пријатели, купуваше политичари и како сликички ги собираше кривичните пријави.И покрај сето ова, жителите на Загреб одново и одново го наградуваа на изборите и го избираа токму него да им ги троши безмилосно парите. Нему не му наштети ни тоа што беше во притвор, преживеа. Беше повреден, но сепак фаворит.

Најблиску до него во анкетите за првиот круг оваа недела е Анка Мрак Тариташ од ХНС. Таа е позната како министер за градежништво во владата на Зоран Милановиќ и вршеше слични задачи и во Загреб за време на првиот мандат на Бандиќ. Денес таа вели дека тоа било доста трауматично искуство и дека со  години ги избегнува местата каде што може да се сретне со Бандиќ. Она што ја прави позната е обновата на поплавените подрачја пред три години, но ова може да се смета и како нејзина најголема дамка.

Втората соперничка на Бандиќ е Сандра Сваљек, која беше заменик на Бандиќ, кога тој беше избран на непосредни избори. Го заменуваше кога беше во притвор, но не му се допаѓаше што прави, па и даде отказ.Таа е независен кандидат но со поддршка на една помала партија и се смета дека нема да влезе во вториот круг.Крај/мф