Дебата за употреба на јазиците: За власта потреба, за опозицијата разнишување на соживотот

Дебата за употреба на јазиците: За власта потреба, за опозицијата разнишување на соживотот

 

Пратеникот на ВМРО-ДПМНЕ Горан Манојловски  во својот говор за законот за употреба на јазиците рече дека ова законско решение не е спроведливо и дека нема да го разбие јазот меѓу Македонците и Албанците. Според него, овој закон уште повеќе ќе побуди чувства на недоверба и страв кај граѓаните од двете етнички заедници.

„Ќе ви набројам неколку негативни случаи во Тетово за практикување на власта и непочитување на чувствата кај сите. Во локалната самоуправа имаме три јавни претпријатија, а нема ниту еден Македонец. На 31 раководна позиција нема ниту еден Македонец, 6 средни училишта, а нема ниту еден директор Македонец. Ако говориме за градење доверба, ова не покажува дека ја немаме во пракса. За празникот 8 Септември нема никаква активност во Тетово.

За пратениците од владејачкото мнозинство, предлог-законот е потреба и треба да биде донесен заради подобрување на соживотот во државата. Пратеникот Павле Боговески ги повика пратениците да дадат поддршка на законот и да не се водат од политиканство.

„Начинот на практикување на власта на одредени функционери нема врска со спроведување на законот. Сега не зборуваме за нив, се фокусираме на законот за јазици. Мора да тргнеме од практична потреба на терен. Сè што има политиканство нема да донесе резултати. Да  дадеме зелено светло на овој прелог и на амандманската расправа да дадеме предлози кои ќе бидат во интерес на подобрување“, рече Богоевски.

Во расправата се вклучи и пратеникот од ДУИ, Џеват Адеми, кој негираше дека во општина Тетово нема доволен број функционери Македонци на клучни позиции.

„Мене не ми претставува никаков проблем јазикот да ни биде средство за разбирање. Мојот македонски е многу подобар од неговиот албански, а и двајцата сме од Тетово. Да се зборува за чувства е многу субјективно. Не е точно дека нема Македонци  на клучни позиции.Директорот на средното медицинско училиште е Македонец, на спортската гимназија, на економското училиште исто така е Македонец, но беше сменет затоа што нè нападна на 27 април“, рече Адеми.

Уште еднаш реплицираше Манојловски по што комуникацијата им ја прекина собранискиот спикер Талат Џафери, кој им порача да седнат на кафе во Тетово и да си разменат мислења за случувањата во нивиот град.

Инаку, ова е втор ден дебата по предлог-законот за употреба на јазиците, по прекинот од 15 октомври. Се очекува расправата да заврши до крајот на неделата, по што законот преминува на разгледување во надлежната комисија, каде што ќе следи амандманска расправа.