Делев: СДСМ ги брка странските инвеститори

Делев: СДСМ ги брка странските инвеститори

Христијан Делев од ВМРО-ДПМНЕ рече дека пресот на Владата за странски инвестиции бил уште еден обид за манипулација на јавноста и нејзино дефокусирање од деструктивните политики на владата предводена од СДСМ.

– Новата влада во паника од економскиот колапс денес излезе со апсолутно неточни информации во делот на странските инвестиции. Веселата математиката според Рашковски е применета при пресметките. СДС нема концепт за странски инвестиции и апсолутно никакво познавање на проблематиката, ниту на регулативата што се занимава со странски инвестиции. На денешниот прес СДС сам се демантира! Вкупната помош на сите странски компании во Македонија изнесува 25 милиони евра за над 20 компании за 10 години во зоните и исто толку надвор од зоните. 25 милиони евра за креирање над 25 илјади работни места плус огромна бројка на индиректни вработувања. СДС и Владата не се способни да пресметаат државна помош, па во веселата математика се ставени и платите на Генералниот секретаријат, ставени се средствата за градба на индустриски зони, технолошки зони и да биде апсурдот поголем, најголема ставка е ДДВ, кој според законот е повратен, СДС пресметува ДДВ по формулата на Тевдовски. Ако го пресметаме бенефитот според формулата на СДС, тогаш само една компанија во Македонија лоцирана во ТИРЗ 1 ќе има 30 отсто опфат од целокупната економија – рече Делев.

Тој рече дека бркањето на странските инвеститори само ќе им користи на тајкуните на СДСМ, а бркањето на странските инвеститори ќе ја намали просечната плата и дека оваа погубна политика на СДСМ мора да престане бидејќи, доколку продолжи вака, Македонија ја чека економски колапс.

– Сакам јавно да го прашам вицепремиерот за економски прашања колку средства добива на годишно ниво за производство на електрична енергија. Јавноста треба да знае колку средства добиваат компаниите на Кочо Анѓушев. Владата која за партиски вработувања за само 100 дена потроши 340 милиони евра, без притоа да привлече ниту една странска инвестиција и ниту еден капитален проект, нема право да говори за економските политики на претходната влада на ВМРО-ДПМНЕ. На СДС му пречи фактот што владата предводена од Никола Груевски преку привлекување странски инвестиции успеа да креира 20 илјади нови вработувања и во услови на криза македонската економија да има раст на БДП – рече Делев.

Според него, на СДСМ му пречи фактот што ќе остане запаметен како гробар на македонската економија и партија што еднострано во парламент без опозиција го изгласа Законот за приватизацијата.