Дескоска: Постои потреба за изучување на јазиците на заедниците, но и недостиг од кадар

Дескоска: Постои потреба за изучување на јазиците на заедниците, но и недостиг од кадар

Jазикот е обележје на припадност на една заедница и обидот за негирање на јазичните права е знак за нетолеранција и обид за дискриминација, рече министерката за образование и наука, Рената Дескоска, при обраќање на конференција посветена на унапредување на остварувањето на правата на припадниците на заедниците кои се помалку од 20 проценти од населението, организирана од Агенцијата за остварување на правата на заедниците и ОБСЕ.

Таа ги образложи политиките и реформите на Владата и Министерството за образование и наука во насока на унапредување на остварувањето на правата на помалубројните заедници во областа на образованието.

„Владата на Република Македонија промовира политика на едно општество за сите. Тоа опфаќа и гаранција и унапредување на јазичните права на сите заедници кои живеат во Република Македонија бидејќи јазикот е обележје на припадност на една заедница и обидот за негирање на јазичните права е знак за нетолеранција и обид за дискриминација. Тоа значи градење на политика за употреба на јазиците која ќе се заснова на принципите на толеранција и соживот, политика на промоција на јазичните права, политика која нема да создава граница меѓу луѓето и власта, ниту меѓу луѓето кои зборуваат на различни јазици“, рече Дескоска.

Според неа, креирањето толерантни политики за употреба на јазиците треба да е прашање од највисок приоритет во секоја земја.

Дескоска додаде дека во образовниот систем во Република Македонија постои потреба за унапредување на изучувањето на јазиците на заедниците, но исто така постојат и проблеми во остварување на ова право поради недостиг на соодветен кадар.