Диви ѓубришта го загадуваат воздухот во Карпош и Ѓорче Петров

Диви ѓубришта го загадуваат воздухот во Карпош и Ѓорче Петров

Врз основа на поплаки и претставки на граѓани и здруженија на граѓани за зачестена појава на непријатна миризба во воздухот, особено навечер, по полноќ, до раните утрински часови, во петокот, 6 октомври, во периодот од 1.30 до 6.30 часот, инспектори од Државниот инспекторат за животна средина (ДИЖС) извршија вонредни надзори на територијата на општините Карпош и Ѓорче Петров.

Инспекторите констатирале дека на повеќе локации во општините постојат диви ѓубришта на разновиден комунален смет, кој на места е опожарен, а на две локации зад аквапаркот кај хотелот „Александар палас“ и спроти болницата „8 Септември“ се изградени импровизирани живеалишта.

Што се однесува до правните субјекти, во истата акција извршени се надзори во „Адинг“ и „Алкалоид“, при што е констатирано дека не биле во работен процес.

„Сите складови за секундарни суровини на овој потег беа затворени, односно воопшто не работеа. При надзорот немаше евидентирано никаква активност од правните субјекти што се на територијата на двете општини“, соопшти Инспекторатот.

Од таму велат дека ќе се обрати до надлежните општини со цел расчистување на дивите ѓубришта во најбрз можен рок.