Димитров добил поддршка за реформите на Владата

Димитров добил поддршка за реформите на Владата

„Дводневната агенда на шефот на дипломатијата, Никола Димитров, во Лондон резултира со позитивна порака на поддршка за реформските процеси на Владата на Македонија. Со потпишувањето на заедничката изјава за партнерство и соработка меѓу двете земји, Македонија ја потврдува својата определба за членство во НАТО и ЕУ“, стои во соопштението на МНР за посетата на министерот Димитров на Обединетото Кралство.

„Во текот на многубројните средби на македонската делегација со значајни политички актери на Обединетото Кралство, Македонија доби признание за вистинската насока на земјата. Меѓу нив беа министерот за Европа, сер Алан Данкан, членовите на Комитетот за надворешни работи на Горниот дом на Парламентот, како и од лабуристичкиот министер во сенка за одбрана и надворешни работи на Комонвелтот, Фабијан Хамилтон.

Пораките од новата македонска позитивна приказна министерот Димитров ги пренесе до британската и светската јавност и преку „Ројтерс“ и „Скај њуз“. Тие беа споделени и препознаени од претставниците на дијаспората на Македонија во Обединетото Кралство, која имаше шанса да разговара со Димитров на свечен прием организиран од македонската амбасада во Лондон по повод 8 Септември, Денот на независноста“, стои во соопштението од МНР.