Димовски: Грубо се кршат процедурите за донесување на Законот за двојазичноста

Димовски: Грубо се кршат процедурите за донесување на Законот за двојазичноста

Пратеникот на ВМРО-ДПМНЕ, Илија Димовски, денеска во име на сите пратеници на ВМРО-ДПМНЕ и кoлицијата „За подобра Македонија“ остро регира, како што вели, на грубите прекршувања на процедурите поврзани со донесување на Законот за двојазичноста и за двојазичната федерализација, кој денеска парламентарното тенко мнозинство на чело со Талат Џафери, спротивно на огромен број деловнички одредби во Деловникот за работа на Собранието, се обидува да го протурка спротивно на праксата и спротивно на регулативите.

„Прекршен е член 118, став 4, кој предвидува дека со одлука за основање на работните тела и анкетните комисии се утврдуваат делокругот и бројот на членовите на комисиите. Ние имаме одлука со која како Деловник и надлежност на Комисијата за политички систем и односи меѓу заедниците, меѓу другото, е предвидено и правото на употреба на јазиците и писмата на заедниците. Оваа Комисија од страна на Џафери не беше прогласена за матична иако одлуката и Деловникот наложуваат токму оваа Комисија да биде матична, па спротивно на оваа одлука и спротивно на Деловникот за работа на Собранието матична комисија беше прогласена Комисијата за европски прашања, која никогаш досега не била прогласена за матична комисија за закон од ваков обем и ваква проблематика“, изјави Димовски.

Според него, прекршен е и член 135, став 4 , кој предвидува дека кога предлог на закон содржи одредби со кои се врши усогласување со правото на ЕУ, во воведот на законот се наведуваат и податоци за изворниот акт на ЕУ со полн назив, број и датум.

„Во воведот на овој предлог-закон не постои изворен акт, не е наведен изворен акт на ЕУ со полн назив, број и таму поради тоа што таков правен акт на ЕУ воопшто и не постои, но значајно е што во членот 135 со ова прашања и со неколку други прашања се регулира комплетноста на поднесокот на предлог-законот во процедура на Собранието. Значи, ова е неопходен услов за да може да се смета дека законот е комплетен и во согласност со Деловникот за понатамошна постапка. Според законот, колегата Џафери пред да го достави до пратениците, ќе побара од предлагачот да го усогласи со одредбите од овој Деловник, што не е направено. Значи, нема никакво барање од страна на Џафери до Владата и до Министерството за правда за усогласување со одредбите на овој Деловник“, вели тој.

Според Димовски, ако предлагачот не го дополни предлогот на законот во рок од 15 дена, што не е направено, се смета дека предлогот на законот не е поднесен.  „Со овој закон очигледно е дека се прекршува и на некој начин се поништува Охридскиот рамковен договор. Ние бараме овој закон целосно да се усогласи со Уставот и со Охридскиот рамковен договор. Второ, бараме да се отстранат сите процедурални прекршувања што се направени свесно за да може Собранието во една нормална атмосфера, нормална состојба и широка состојба, да расправа за прашањата поврзани со овој закон“, додава тој.