Дипломатскиот синдикат повторно предупредува за можни манипулации при распределбата на дипломати во странство

Дипломатскиот синдикат повторно предупредува за можни манипулации при распределбата на дипломати во странство

Синдикатот на македонската дипломатска служба повторно предупредува дека со распишаните дваесетина интерни конкурси за распоредување на работа во македонските дипломатско-конзуларни претставништва, раководството на МНР се обидува да постави партиски кадри, како и дека тој потег е во спротивност со Генералното мислење на Антикорупциската комисија дека од денот на донесување на одлука за распишување на избори па се до изборот на влада постои „законска пречка да се врши распоредување и унапредување на лица вработени во органите на државната управа“.

Претседателот на дипломатскиот синдикат Сашко Тодоровски на „стоечка“ пресконференција пред влезот на зградата на МНР денеска изјави дека при распишувањето на конкурсите, надлежните направиле, како што рече, класичен коктел, односно од една страна за дел од местата се е според правилата бидејќи „таму доаѓа време за редовна замена на дипломатите“, но од друга страна на одредени и тоа особено важни места, се предлагаат партиски кадри кои би требало таму да „се згрижат’. Тодоровски потенцира дека такви се случаите со дипломатските позиции во Вашингтон, Лондон, Париз и во Мисијата во НАТО.

Претседателот на СМДС вели дека во време на политичка криза, нема потреба од испраќање на урегнтни дипломати во ДКП-а кои и онака се кадровски добро покриени и функционираат професионално и на високо ниво. Додава дека Синдикатот е заобиколен во постапката и предупредува дека тоа е дел од една смислена тактика за злоупотреба на дипломатско-конзуларните претставништва, која би можела да продолжи и во иднина.

Вчерашното соопштение од МНР пак, во кое беше истканато дека испраќањето на дипломатски преставници во македонските ДКП-а е согласно со законот го нарече „инфантилно и перфидно“.

ОД МНР инаку, токму реагирајќи на ставот на СМСД потенцираа дека конкурсите се во согласност со релевантна законска рамка а истата го опфаќа Законот за надворешни работи, одредбите содржани во Правилникот за упатување и сите други релевантни подзаконски акти. Притоа потенцираат дека „како досега, така и во иднина ќе се грижат за функционирањето во доменот на надворешната политика и заштита на националните интереси“, а преставниците на синдикатот ги дефинираа како „неколку лица кои со нескриени политички амбиции се затскриваат зад насловот Синдикат на македонската дипломатска служба“.

Драган Милосављевиќ