МАКФАКС

Дискриминиран затоа што зборувал албански во општината

Дискриминиран затоа што зборувал албански во општината
21.04.2017, 14:54

 

Во месечниот Извештај на Хелсиншкиот комитет за месец март, пишува дека Комисијата за заштита од дискриминација утврдила дискриминација по основ на јазик во областа на работата и работните односи во Општина Гази Баба.

Случајот се однесува на вработен во Општината, кој неколку пати бил дискриминаиран од страна на секторски раководител кој му забранувал на вработениот да го користи својот мајчин јазик (албански) во секојдневната неформална комуникација со своите колеги. „По добиено правно советување од страна на Хелсиншкиот комитет дискриминираната странка поднесе претставка до Комисијата за заштита од дискриминација. Комисијата во своето мислење констатира дека дека службениот јазик во Општина Гази Баба е македонскиот јазик и тој треба да се употребува во службената комуникација, но дека секој може да го користи својот мајчин јазик во неформална комуникација и дека тоа право не може да му биде ограничено и да му биде забрането на ниту еден вработен во Општината. Мислењето на Комисијата завршува со препорака до Општина Гази Баба за отстранување на повредата во рок од 30 дена од приемот на мислењето“, пишува во Извештајот.

Продолжува трендот на Комисијата за заштита од дискриминација на  донесување мислења кои во себе содржат технички, формални и суштествени недостатоци, пишуваат од Хелсиншки. „Во петитумот на конкретното мислење Комисијата констатира дека „Заклучокот дека е утврдена дискриминација се наоѓа на крајот на мислењето и во препораката, која е во склоп на мислењето. Исто така Комисијата во конкретното мислење нема наведено дали станува збор за директна или индиректна дискриминација. Исто така Комисијата во предметното мислење утврдува дека дискриминацијата се случила неколку пати, но изрично не утврдила повторена и продолжена дискриминација како потешки облици на дискриминација согласно Законот за спречување и заштита од дискриминација“.

Хелсиншкиот комитет апелира во иднина Комисијата при изработување на своите мислења да внимава тие да немаат технички, формални и суштински недостатоци.

Васко Маглешов

Поврзани написи

Макфакс е-билтен

Email *