ДПМ: Духот на Гане Тодоровски шест децении го оплеменуваше писателскиот амбиент

ДПМ: Духот на Гане Тодоровски шест децении го оплеменуваше писателскиот амбиент

„Како човек Гане Тодоровски беше широк, толерантен, полн со љубов, и разбирање на другите, но во исто време и непредвидлив, понекогаш дури и суров во бранењето на своите позиции и жесток во критиките тогаш кога беше длабоко убеден во своите ставови“, рече Веле Смилевски, претседател на ДПМ.

Писателите и пријателите на големиот македонски писател Гане Тодоровски денеска, во домот на книжевната асоцијација, речиси два часа говореа и се осврнаа на творештвото и личноста на нивниот колега. Денешната средба се совпаѓа со датумот на раѓањето на Тодоровски.

Книжевната средба насловена „Седум навраќања кон темата Гане Тодоровски“ ја отвори претседателот на ДПМ, Веле Смилевски, а беседи за Гане Тодоровски имаа Георги Сталев, Иван Чаповски, Олга Панкина, Раде Силјан, Димитар Пандев, Трајче Кацаров и Панде Манојлов.

Гане Тодоровски (11 мај 1929 – 2010) беше член на ДПМ од почетокот на педесеттите години сè до неговата смрт. Смилевски потсети на неговиот животен и творечки пат, на богатиот опус кој го остави во современата македонска литература.

– Како човек Гане Тодоровски беше широк, толерантен, полн со љубов и разбирање на другите, но во исто време и непредвидлив, понекогаш дури и суров во бранењето на своите позиции и жесток во критиките тогаш кога беше длабоко убеден во своите ставови.

Чаповски потенцира дека што и да се каже за Гане Тодоровски е малку.

– Сите ние собрани овде, особено постарата генерација го паметиме Гане многу одамна, повеќе од 50 години. Гане не беше само професор и другар, тој беше поет, потенцира Чаповски.

Георги Сталев нагласи дека Гане Тодоровски е една од нашите најмаркантни личности, особено во книжевниот живот и пошироко.

– Ние како ДПМ го знаеме Тодоровски како наш врвен поет, носител на многу награди, познат на територијата на Балканот и пошироко зашто е застапен во сите антологии на македонската поезија кои излегувале и надвор од нашата земја, рече Сталев.

Гане Тодоровски, како што рече, се интересираше за многу нешта во културниот живот и надвор од него.

– Тој беше научник, професор на Универзитетот, тогаш на Филозофскиот факултет. Почна како асистент по народна литература, прво предаваше хрватска, а потоа и македонска литература и ги опфати сите наши литератури кои се предаваа во тоа време. Со него сум учествувал на повеќе манифестации, конгреси, научни собири, потсети Сталев. крај/мф