Европски денови на културното наследство

Европски денови на културното наследство

Во знакот на заедничката тема „Културното наследство и природата: пејзаж на можности“ годинава повеќето европски земји ги одбележуваат Европските денови на културното наследство, кои кај нас ќе се одржат од 15 до 22 септември.

Во Република Македонија фокусот ќе биде ставен на водата како значаен сегмент од природното наследство, со кое нашата земја изобилува. Во периодот од 15 до 22 септември ќе бидат организирани најразлични активности низ целата земја, во рамките на темата „Водата – дар од природата“.

Со отворања изложби, едукативни активности и организирани посети на водопади, културни предели и други локалитети, нашата земја се приклучува кон милиони граѓани на Европа кои годинава ќе го насочат своето внимание кон заедничкото европско природно наследство.

Почетокот на манифестацијата ќе биде означен со отворањето на изложбата „Водата – дар од природата“ во Музејот на Македонија на 15 септември 2017 година во 20 часот. На изложбата ќе бидат поставени садови за вода датирани од праисторискиот период до 20 век. Покрај тоа, ќе бидат презентирани и некои обичаи поврзани со водата, а ќе биде даден преглед и на користењето на водата во народното стопанство.