Ексградоначалник на Центар под истрага за мостот Око

Ексградоначалник на Центар под истрага за мостот Око

Градењето на мостот Око во центарот на Скопје ќе резултира во неколку кривични пријави против луѓе на одговорни функции. Меѓу нив, извори кои инсистираат на анонимност, за „Макфакс“ тврдат дека ќе биде и поранешен градоначалник на Општина Центар.

Истрага за сомнителното градење на мостот, од носењето на одлуките за негова изградба па сè до пуштањето во употреба спроведуваат Министерството за внатрешни работи, Основно јавно обвинителство, Специјалното јавно обвинителство и Управата за финансиска полиција. Нашите извори велат дека истрагата во дел од институциите е при крај и наскоро ќе бидат поднесени повеќе кривични пријави.

„Иако истрагата не е целосно завршена, веќе е јасно дека за изградбата на мостот Око извесни ќе бидат кривични пријави против неколкумина одговорни лица. Веќе е утврдено дека договорот со првиот изведувач на мостот, хрватски ‘Конструктор’, е раскинат поради непочитување на предвидените рокови за изградба, но и покрај пробиените рокови, нема документација која ќе покаже дека била активирана банкарската гаранција“, велат извори за „Макфакс“.

Дополнителни неправилности биле утврдени при изборот на фирмата изведувач која го доградуваше мостот. Според документацијата, во моментот кога бил раскинат договорот со хрватски „Конструктор“ мостот бил изграден осумдесет отсто, но и покрај тоа кога се избирал изведувачот за да го догради, била предвидена сума со која се покривале повеќе од дваесет отсто од трошоците за целосна изградба.

Од Општина Центар потврдија дека целосната документација за мостот ја дале на увид на надлежните институции.

„Во интерес на истрагата не можеме да кажеме ништо повеќе за мостот Око освен тоа дека за него е заинтересирано и Специјално јавно обвинителство за што им ја обезбедивме сета документација“, велат од Општина Центар.

Мостот Око, подоцна преименуван во Мост на цивилизациите, се градеше пет години, период во кој низ Општината минаа тројца градоначалници. Плановите за мостот беа направени во периодот кога градоначалничка беше Виолета Аларова, почна да се гради кога градоначалник стана Владимир Тодоровиќ, а изградбата финишираше кога градоначалник на Општина Центар беше Андреј Жерновски.

Градежните работи стартуваа 2009 година откако на јавен оглас за изведувач беше избрана фирмата „Конструктор“ од Сплит, Хрватска. Тие требаше да изградат модерен мост со конструкција во форма на око ако се гледа од птичја перспектива. На средината на мостот беше предвиден голем стаклен дел кој треба да потсетува на око и токму поради тоа, мостот беше наречен око. Но подоцна, во текот на изградбата беа сменети и изгледот и името на мостот. Беше преименуван во Мост на цивилизациите и Општината најави дека ќе го украси со 29 бронзени скулптури на благородници, кнезови, антички и пајонски кралеви. Изградбата беше превидено да чини 1,5 милиони евра, а за скулптурите беа предвидени уште 170.000 евра.

Во 2012 година целосно сопреа градежните активности. Општината го раскина договорот со хрватската градежна компанија, а подоцна во постапка со преговарање, без јавен оглас довршувањето на мостот го довери на компанијата „Бетон“ од Скопје. Тогаш Општина Центар извести дека новиот договор е на 1,2 милиони евра, а општинарите најавија и дека ќе поведат судска постапка против хрватската градежна компанија за неисполнетите обврски од договорот.

Урбанистите, архитектите и хидролозите уште кога беше претставен планот за овој мост беа против негова изградба и укажуваа дека во коритото на Вардар не треба да се гради. Последниве три месеци во тек се анализи на новите мостови во реката кои треба да покажат како ќе се постапува со нив, а не е исклучена можноста за нивно отстранување од коритото на Вардар.

(М.И.П.)