Жан-Патрик Конрад е добитник на светската награда за хуманизам за 2018 година

Жан-Патрик Конрад е добитник на светската награда за хуманизам за 2018 година

Светската награда за хуманизам за 2018 година, со која Охридската академија на хуманизмот го слави името на св. Климент, му е доделена на Жан-Патрик Конрад, професор на Империал колеџот од Лондон и претседател на Европската академија на науките, уметностите и книжевностите.

Конрад е дванаесетти добитник по ред на ова признание, а пред него оваа награда им била доделена на Александр Солжењицин, Херта Милер, Даисаку Икеда, Рави Шанкар, Питер Брук, Маноел де Оливеира.

Во писмото до претседателот на интернационалното жири, амбасадорот Јордан Плевнеш, професорот Жан-Патрик Конрад истакна дека човештвото отсекогаш се стремело кон етичките и филозофските вредности што ги носат досегашните добитници на наградата и духот на учењето на св. Климент Охридски потсетува дека хуманизмот ќе ги победи глобалните закани за уривање на човечката надеж.

Свечената церемонија на доделувањето на наградата ќе одржи на 18 јануари во куќата на Уранија на МАНУ. Во присуство на амбасадорот на Велика Британија, Н.Е. Чарлс Гарет, градоначалникот на Охрид, Јован Стојаноски, ќе му ја врачи наградата на добитникот Конрад во присуство на поголема меѓународна асемблеја на гости. Истата вечер академик Светлин Русев од Бугарија ќе го претстави спомен-обележјето „Охрид – центар на светскиот хуманизам“, кое во текот на следната година ќе биде свечено поставено на плоштадот Долна Порта.