Daily news
Жерновски даде отчет: Исполнети проекти без финансиска поддршка (видео)
Градоначалникот на општина Центар, Андреј Жерновски даде отчет за сработеното во четирите години. Тој кажа дека тој и раководството наследиле празна буџетска каса и дека во првите три месеци во општината влегле три пати повеќе инспектори отколку во целиот мандат на претходниот градоначалник.
– Покрај сите блокади успеавме општината Центар да ја направиме поубава, поурбана, позелена, општина со жив дух на културата, дружбата, хуманоста и спортот. Со нула денари поддршка од владата реализирани се значајни проекти. По 42 години, најмладите ја добија најмодерната градинка, “Кочо Рацин“, обновени се клонот на “Панорама“ и градинката “13-ти Ноември“, а по 40 години општина Центар исклучиво со свои средства гради ново основно училиште во Капиштец, кое ќе биде најмодерно на Балканот. Воведени се награди за најдобрите настанвници, воспитувачи, негователи и готвачи, како истипендии за најдобрите ученици. Наместо родителите, општина Центар го плаќа обезбедувањето, еднодневните екскурзии, часовите по физичко и англиски јазик. Со право општината го носи епитетот „зелена општина“, која има обновено и засадено зеленило на површина од 78000 м2. Изградени се десет нови детски игралишта, реконструирани се улици со вкупна површина од 52000 м2. Двете улици на боемите веќе станаа култно место за љубителите на добра храна и музика и пријатен амбиент, рече Жерновски.
Градоначалникот на Центар кажа дека се изградени 4 нови сквера, 13 обновени фасади, бесплано паркирање на жителите на Центар и се изградени игралишта и фискултурни сали, а се помагаат одбојкарите и кошаркарите на “Работнички“.
Преку референдумот, општина Центар се избори ГТЦ да го зачува автентичниот изглед, спречена е изградбата на Шпанските скали, направена е ревизија на контроверзниот проект “Скопје 2014“, со што се покажа незаконското работење на претходното раководство на општината.
“Општина Центар е единствената општина која го нема добиено неизграденото градежно земјиште. Очекуваме една од првите одлуки на новата влада да биде ова, за да не продолжи раскрчмувањето на имотот на жителите на Центар. Што се однесува до терасата на зградата на ВМРО-ДПМНЕ, таа е дивоградба, но Град Скопје се прогласи за надлежен, второстепната комисија ја одби нашата жалба и затоа, бидејќи не се работи за обична тераса таа мора да се отстрани по законските измени кои ќе ги направи новата влада и ќе им ги врати одземените ингеренции. Ние не ги делиме дивоградбите според тоа чии се и дали се на судии, претседатели на судови или политичари“, рече Жерновски.
Одговарајќи на новинарски прашања, Жерновски рече дека ќе се кандидира за нов мандат за градоначалник на општина Центар. Тој кажа дека е политичко прашање дали ќе биде кандидат на СДСМ или самостоен кандидат.
– Кандидатурата ја предадов преку партијата и ја очекувам нивната поддршка. Резултатите се тука, анкетите исто говорат за мојата поддршка. Имам слушнато за идеите за тоа да бидат кандидат за градоначалник за Град Скопје, но за ова уште не е разговарано, рече Жерновски.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Daily news
Прва правна конференција Tres Partes
На 26 декември година во хотелот „Континентал“, со почеток во 10 часот, ќе се одржи првата правна конференција Tres partes, во организација на „Јанаки знае“, а ќе биде поделена во три дела.
Првиот дел е со работен наслов „Дали е потребно укинување на извршителите?”, на кој ќе учествуваат Зоран Василевски, кој ќе ја застапува тезата ПРО укинување на извршителите, извршител Снежана Андреевска, која ќе ја застапува тезата КОНТРА укинување на извршителите и извршител и поранешен судија за извршување, Христо Јованов, кој ќе предава во делот на извршувањето пред да се укинат судиите извршители.
Вториот дел е со работен наслов „Дали се шаблонизира институтот надомест на нематеријална штета“, на која предавачи ќе бидат адвокатката Маруша Митровска, судијката Љубица Колиќ од Основен суд Скопје 2 и судијата Ѓорѓи Радојков од Апелациониот суд Скопје.
Третиот т.н. кривичен дел е со работен наслов „Неприменување на кривично-правните институти“, во кој предавачи ќе бидат адвокатот Јанаки Митровски, Никола Тупанчевски, редовен професор по казнено право при „Јустинијан Први“, Александра Деаноска, вонредна професорка по казнено право при „Јустинијан Први“, и Оља Ристова, судијка при Основниот суд Скопје 1.
Предвиден е и интерактивен дел со публиката преку поставување прашања и коментари од учесниците.
Daily news
Груевски оди во затвор – Апелација му ја потврди казната
Апелациониот суд Скопје, постапувајќи по кривичниот предмет познат во јавноста под името „Тенк“ по одржана јавна седница, донесе пресуда со која му ја потврди двегодишната затворска казна на премиерот Никола Груевски. „Жалбите на обвинетиот Никола Груевски изјавени лично и преку неговите бранители ги одби како неосновани, а првостепената пресуда ја потврди во целост, со што му ги потврди двете години затворска казна“, пишува во соопштението од судот.
Второстепениот суд делумно му ја уважи жалбата на Ѓоко Поповски и му ја намали казната на 4 години и 6 месеци, а во останатиот дел првостепената одлука ја потврди.
За Гордана Јанкулоска за „Тенк“ е издвоена во друга постапка и пресудата за неа, под обвинение дека ја злоупотребила службената положба и го натерала Поповски да го намести тендерот за „мерцедесот“ што го посакал Груевски, ќе биде изречена на 8 октомври.
Daily news
Бизнисменот Минчо Јорданов треба да сведочи дали бил уценет со пари во шпионската афера
Бизнисменот Минчо Јорданов утрово во кривичниот суд е повикан да сведочи во предметот што го презеде специјалното јавно обвинителство под кодно име „Шпион“.
Обвинетите Миќо Наскоски, Зоран Божиновски и Марјан Маџовски, како што рече на минатото рочиште обвинителката Елизабета Јосифовска, со цел да се стекнат со противправна имотна корист, му се заканиле на бизнисменот Минчо Јорданов дека ќе објават податоци за наводна криминална приватизација и откуп на акциите во АД „Бетон“ и на други негови фирми. Во намерата не успеале, а Јорданов не ги исплатил парите.
„Обвинетиот Александар Диневски прибавувал податоци со степен на државна тајна, а потоа ги доставувал или директно на странските разузнавачки служби или му ги давал на обвинетиот Марјан Ефремов, кој ја формирал групата за уцени, изнуди и шпионажа и ја координирал од 2009 до 2013 година, регрутирајќи нови членови во мрежата. Со обвинетиот Мирослав Зафировски од УБК прибирале податоци за луѓе од ЦИА присутни во Македонија и за штаб на ЦИА во Ирак. Тие прибирале и податоци за организациската поставеност на УБК“, рече Јосифовска за „Шпион“, кое СЈО врз база на нови прислушувани разговори го презеде од Обвинителството за гонење организиран криминал и корупција.
Ефремов, според обвинението, групата за изнуда и тргување со тајни информации од безбедносните служби на Македонија ја направил во 2009 година и, како што тврди обвинителството, тој е мозокот на целата операција. Информациите им ги продавале на Кост Н. од грчката разузнавачка служба, Петар Н. и Јуриј Н. од унгарската и на други лица од странски разузнавачки служби.
Секој од обвинетите, зависно од тоа во која институција работел, снимал службени документи, кои потоа им ги продавал на грчката, руската, унгарската и српската разузнавачка служба. Обвинети во овој случај се и тогашниот шеф на Кабинетот на претседателот на Собранието, Трајко Вељаноски, генералот Горан Стојков, Миќо Насковски, Ѓорѓи Хаџимицев, Цветан Дамјановски (заедно со други нивни колеги од МВР, УБК, АР и Военото разузнавање, кои дел се веќе осудени) и Зоран Божиновски, кој во групата имал улога ако уценуваните не дадат пари, тој да ги објавува, како што вели обвинителката, во порталот „Буревесник“ или во други медиуми во кои работел. Божиновски е обвинет за злосторничко здружување, шпионажа и уцена.
Обвинетите не се чувствуваат виновни, а тврдат и дека целиот процес е монтиран. Во предметот првично беа опфатени 19 лица, од кои неколкумина ја одлежаа затворската казна. Предметот го суди судијата Владимир Туфегџиќ. На конференциска врска треба да сведочи и Драган Даравелски, кој, според обвинението, исто така бил уценуван од обвинетите.