Заев ги ограничи министрите на само 500 евра месечно во ресторан

Заев ги ограничи министрите на само 500 евра месечно во ресторан

Премиерот, вицепрмиерите, министрите без ресор, генералниот секретар, другите именувани функционери, како и членовите на обезбедувањето во Владата, отсега ќе смеат да трошат само по 30.000 денари месечно по ресторани и кафеани, дознава Макфакс. Според досегашната пракса  немаше ограничување на трошоците за репрезентации.

Владата на 7 јули донела одлука за измени и дополнувања на Правилникот за користење на угостителски услуги на товар на средствата од буџетот наменети за овие услуги. Членовите на Владата, генералниот секретар и заменик-генералниот секретар, и другите именувани лица опфатени со овој правилник, имаат право на надомест во висина од 30.000 денари месечно, за угостителски услуги во угостителските објекти во надлежност на Службата на општи и заеднички работи на Владата, и надомест во висина од најмногу 500 евра, месечно, за угостителски услуги за време на службени патувања во странство.

Овие измени се однесуваат на правилникот од 2012 година, кој ги регулираше овие прашања до инаугурацијата на новата влада и во него немало ограничувања за овие трошоци. Згора на тоа одобрувањето на направените трошоци за направените угостителски услуги ги парафирало, односно добрувало, лице овластено од премиерот или министрите без посебен синџир на контрола и одобрување.

Вчера, на брифинг со новинарите во МВР, како што објави Макфакс, беа презентирани фактури и сметки од ручеци на УБК и на БЈБ. Од она што можеше да се види од направените фактури е дека челните луѓе на полицијата имале добар вкус за храна. Се јадело и пиело претежно во 4 елитни скопски ресторани: Интермецо, Театро, Воденица и Микеи, а просечната сметка за еден ручек била околу 600 евра.

В. Маглешов