Заев немал директни закани за атентат, но се преземаат сериозни безбедносни мерки

Заев немал директни закани за атентат, но се преземаат сериозни безбедносни мерки

Премиерот Зоран Заев досега немал директни закани за атентат, соопшти министерот за внатрешни работи, Оливер Спасовски, кога премиерот откри дека некои аналитичари го предупредиле оти е можно да му биде загрозен животот, особено со доближувањето на Македонија до НАТО. Министерот Спасовски вели дека и покрај тоа што немало директна закана, премерот има ризик за атентат од 2015 година.

„Заев доби обезбедување токму поради ризикот од атентат уште во периодот кога не беше премиер – 2015 година. Тогаш постоеја индиректни закани и поради тоа доби обезбедување. Ние преземаме сериозни мерки за обезбедување на сите лица што се под ризик оти со самото тоа што некој е премиер или претседател, изложен е на ризик“, рече министерот Спасовски.

Тој не кажа колку луѓе го обезбедуваат премиерот, но нагласи дека нивниот број е далеку помал од бројот на обезбедувачи на претходниот премиер.

„Помалата бројка не значи послабо обезбедување, напротив, ние се концентрираме на зголемување на безбедноста на местата каде што се оди наспроти праксата цела армија да оди со премиерот“, рече министерот Спасовски.

Премиерот Зоран Заев во интервју за црногорската емисија „Жива вистина“ рече дека некои аналитичари околу него го предупредиле на можен атентат, но тој им одговорил „подготвен сум да носам одлуки какви што очекуваат моите граѓани, па што биде, нека биде“.

(М.И.П.)