Заев од Словенија: Наша определба е да ја вратиме довербата во институциите

Заев од Словенија: Наша определба е да ја вратиме довербата во институциите

Премиерот Зоран Заев се сретна со претседателот на Република Словенија, Борут Пахор, во рамки на официјалната посета на владината делегација на Република Македонија на оваа земја.

Заев го информираше Пахор за реформските процеси и соработката на владината коалиција во Република Македонија со опозицијата, за добрососедските односи, како и за прашањето на евроатлантските процеси на нашата земја. Истакна дека владината коалиција во Република Македонија пое локалните избори, сега има обврска коку што е можно побргу и посолидно да ги продолжи почнатите реформски процеси.

„Настојуваме пред нашиот парламент да настапиме со издржани и важни реформски закони во многу области за кои очекуваме и ќе стимулираме широка поддршка од политичките сили внатре во парламентот. Наша определба е и да ја зајакнеме улогата на парламентот по политичката криза и да ја вратиме довербата во институциите“, нагласи Заев.

Во однос на евроатлантските аспирации и процесот на нашата земја во таа насока, премиерот информираше дека и за ова прашање се работи и се подготвуваат услови за политички консензус.

Пахор посочи дека Словенија внимателно ја следи и ја одобрува добрососедската и регионалната политика на Македонија како еден од условите за членството во ЕУ и НАТО, и нагласи дека Република Словенија останува и понатаму силен поддржувач на Република Македонија во овие процеси.

Заев оствари средба и со претседателот на Државниот збор на Република Словенија, д-р Милан Брглез, при што ја изрази подготвеноста на македонскиот парламент да ја продолжи соработката со Државниот збор на Словенија.

Заев го информираше претседателот на Државниот збор за најважните актуелни процеси во Република Македонија и нагласи дека охрабрувањата што нашата земја ги доби за време на оваа посета се знак дека е избран вистинскиот пат и начин за решавање на суштинските прашања од интерес на граѓаните на Република Македонија.

Со двете средби заврши дводневната официјална посета на владината делегација на Република Македонија.

Заев оваа посета ја оствари во придружба на членовите на владината делегација во чиј состав беа и заменик-претседателот на владата и министер за внатрешни работи, Оливер Спасовски, министерот за економија, Крешник Бектеши, министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство, Ључо Николовски, министерот без ресор задолжен за дијаспората, Едмонд Адеми, и државниот секретар во Министерството за надворешни работи, Виктор Димовски.