Законот за високото образование е менуван 20 пати, а студентското организирање уште не е суштински регулирано во него

Законот за високото образование е менуван 20 пати, а студентското организирање уште не е суштински регулирано во него

На Универзитетот на Југоисточна Европа“ студентите ги споделија своите ставови и мислења за студентското организирање и студентските парламенти на третите консултации за ново студентско организирање. На настанот воведни обраќања дадоа Ветон Иљази – Студентски парламент на Универзитетот на Југоисточна Европа, Јана Нашулова – Студентски пленум, Фани Димоска – Европска асоцијација на студенти по право (ЕЛСА), Мартина Илиевска – Младински образовен форум (МОФ), Енкелеј Ајази (Студентски правобранител на Универзитетот ЈИЕ), Блертон Зејнели – Democracy Lab.

„Сегашниот Закон за високото образование е менуван повеќе од 20 пати откако е донесен. Сепак, и покрај огромниот број промени од неговото донесување до денес, во него има само еден член кој го уредува студентското организирање, па оттаму јасно е и зошто оваа тема се смета за недоречена и конфузно уредена. Новиот закон треба да овозможи поголема стабилност и појасна слика за студентското организирање“, вели Фани Димовска од ЕЛСА.

„Студентскиот пленум, кој својата битка ја започна пред три години, се бори за подобрување на стандардот на студентот, но и подобрување на статусот на студентот во општеството. Сметаме дека за да се промени нешто, потребно е да се почне од младите и нивните потреби. Затоа ние како Студентски пленум го кренавме гласот за подобро високо образование, но и за подобрување на студентскиот стандард, кој сметаме дека е клучна работа. Се надеваме дека оваа Влада за разлика од претходната ќе има слух за потребите на студентите и ќе се потруди статусот на студентите да го крене на едно повисоко ниво“, рече Јана Нашулова од Студентскиот пленум.
„МОФ повеќе години работи на студентското организирање со разни активности. Потребата од ново студентско организирање е евидентна бидејќи речиси на сите универзитети студентските парламенти се нефунцкионални или со нелегитимни претставници подолго време. Иницијативата има цел да прибере мислење на студенти од 4 универзитетски града – Скопје, Тетово, Битола и Штип, и да се поднесат како препораки до МОН за тие да бидат внесени во Законот за високото образование, кој е во процес на изготвување“, изјави Мартина Илиевска од Младинскиот образовен форум.

По воведните говори, присутните студенти и млади лица имаа можност да ги кажат своите ставови за студентското организирање и начините на кои тие сакаат тоа да биде уредено со новиот Закон за високото образование. Консултации веќе се спроведоа во Штип, Битола и денес во Тетово, а ќе се случи и уште една во Скопје. По завршувањето на консултациите, заклучоците ќе бидат сумирани во еден документ. Тој ќе биде доставен до надлежните институции на тркалезна маса, која ќе се одржи на крајот на ноември во Скопје.

Активностите се финансирани и се спроведуваат во партнерство со Фондацијата „Отворено општество Македонија“.