Daily news
Delta Funktionen, Damien Dubrovnik и Headless Horseman на Desonanz 2017
Истакнатиот ветеран на светската хаус, техно и електро сцена, Delta Funktionen од Берлин, вечерва (седми декември) ќе настапи во МКЦ како дел од клупската програма на деветтото издание на фестивалот Desonanz, во соработка со фестивалот Таксират. Desonanz е годишен фестивал кој истражува и експериментира со културните стандарди на мултимедијалната уметност, но и границите на колективната естетика.
Сетовите на Delta Funktionen се легендарни во својата техничка софистицираност и прецизност, како и сировата креативна енергија која го движи подиумот низ неговите препознатливо долги сетови. Оваа година Delta Funktionen со неговите настапи ги запали берлинските Tresor и Berghain, ја започна својата резиденција во Shelter Amsterdam и приреди незаборавна журка во клубот Epicentar во Скопје. За своите сетови, Delta Funktionen вели дека раскажува приказна која нè води низ непознати градови од иднината исполнета со широка палета на бои и емоции, но и чувство на слобода и забава. Неговата музика е подеднакво технички прецизно изведена и раскошно имагинативна, а дискографијата му брои три албуми и бесконечна низа плочи.
Приказната на вечерта ќе ја почне Apostolski (Drop Series), чии вешти миксови и еклектичен избор совршено ја загреваат атмосферата, а вечерта, завршен збор ќе има Mitrik (Room 313).
Фестивалот Desonanz ќе продолжи в петок во Македонската филхармонија со концертот на данското експериментално дуо Damien Dubrovnik, кое на скопската публика ќе ` приреди уникатно концертно доживување. Damien Dubrovnik (Posh Isolation ::: Copenhagen_DK) е егзотичен и несекојдневен проект на двајца од најпрославените модерни композитори во современата музика и сопствениците на културниот феномен и издавачка куќа Posh Isolation од Копенхаген, Loke Rahbek (Croatian Amor) и Christian Stadsgaard (Vanity Productions). Настапите во живо на Damien Dubrovnik се легендарни не само поради техничката перфекција на звучниот дизајн во нивната музика туку и по нивните луцидни психосексуални сценски перформанси и неверојатната харизма што ја носат на сцена.
Публиката ќе има можност да го проследи и ексклузивнот проект на македонските етноџез-експериментатори String Forces (во комплетен состав) за Desonanz Festival, специјален аудиовизуелен перформанс насловен „Dig Deeper”, односно „Копај подлабоко”. Овој концерт има за цел да понуди подлабок осврт на опусот на String Forces, со особен акцент на нивните музички експерименти подалеку од поп мејнстримот, како и неколку уникатни, подлабоки и психоделични верзии на препознатливите хитови. Вечерта ќе ја отвори Vedis (Broccoli Music / MK), електроакустичниот проект на Klara kоја вооружена со својот глас и неколку егзотични инструменти ќе ја одведе публиката на магично аудио-визуелно патување.
За петок во МКЦ е најавена вртоглава аудио-визуелна вечер предводена од маскираниот берлински техно/IDM продуцент Headless Horseman – мистична фигура на електронската сцена и највозбудливиот хардверски техно перформанс во моментов на планетата!
Неговите концерти/настапи во живо се врвен доказ за техничката спремност, но и сценографската ексцентричност која Headless Horseman ја поседува во изобилие и ја покажува на камера за Boiler Room Berlin, како и низ настапите во Berghain, Corsica Studios, Razzmatazz, Tresor, Circus Tokyo… Овој перформанс е негово деби во Скопје и дел од светската турнеја на неговиот албум и видеопроект „Sanctuary”. (Н.Б.)
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Daily news
Прва правна конференција Tres Partes
На 26 декември година во хотелот „Континентал“, со почеток во 10 часот, ќе се одржи првата правна конференција Tres partes, во организација на „Јанаки знае“, а ќе биде поделена во три дела.
Првиот дел е со работен наслов „Дали е потребно укинување на извршителите?”, на кој ќе учествуваат Зоран Василевски, кој ќе ја застапува тезата ПРО укинување на извршителите, извршител Снежана Андреевска, која ќе ја застапува тезата КОНТРА укинување на извршителите и извршител и поранешен судија за извршување, Христо Јованов, кој ќе предава во делот на извршувањето пред да се укинат судиите извршители.
Вториот дел е со работен наслов „Дали се шаблонизира институтот надомест на нематеријална штета“, на која предавачи ќе бидат адвокатката Маруша Митровска, судијката Љубица Колиќ од Основен суд Скопје 2 и судијата Ѓорѓи Радојков од Апелациониот суд Скопје.
Третиот т.н. кривичен дел е со работен наслов „Неприменување на кривично-правните институти“, во кој предавачи ќе бидат адвокатот Јанаки Митровски, Никола Тупанчевски, редовен професор по казнено право при „Јустинијан Први“, Александра Деаноска, вонредна професорка по казнено право при „Јустинијан Први“, и Оља Ристова, судијка при Основниот суд Скопје 1.
Предвиден е и интерактивен дел со публиката преку поставување прашања и коментари од учесниците.
Daily news
Груевски оди во затвор – Апелација му ја потврди казната
Апелациониот суд Скопје, постапувајќи по кривичниот предмет познат во јавноста под името „Тенк“ по одржана јавна седница, донесе пресуда со која му ја потврди двегодишната затворска казна на премиерот Никола Груевски. „Жалбите на обвинетиот Никола Груевски изјавени лично и преку неговите бранители ги одби како неосновани, а првостепената пресуда ја потврди во целост, со што му ги потврди двете години затворска казна“, пишува во соопштението од судот.
Второстепениот суд делумно му ја уважи жалбата на Ѓоко Поповски и му ја намали казната на 4 години и 6 месеци, а во останатиот дел првостепената одлука ја потврди.
За Гордана Јанкулоска за „Тенк“ е издвоена во друга постапка и пресудата за неа, под обвинение дека ја злоупотребила службената положба и го натерала Поповски да го намести тендерот за „мерцедесот“ што го посакал Груевски, ќе биде изречена на 8 октомври.
Daily news
Бизнисменот Минчо Јорданов треба да сведочи дали бил уценет со пари во шпионската афера
Бизнисменот Минчо Јорданов утрово во кривичниот суд е повикан да сведочи во предметот што го презеде специјалното јавно обвинителство под кодно име „Шпион“.
Обвинетите Миќо Наскоски, Зоран Божиновски и Марјан Маџовски, како што рече на минатото рочиште обвинителката Елизабета Јосифовска, со цел да се стекнат со противправна имотна корист, му се заканиле на бизнисменот Минчо Јорданов дека ќе објават податоци за наводна криминална приватизација и откуп на акциите во АД „Бетон“ и на други негови фирми. Во намерата не успеале, а Јорданов не ги исплатил парите.
„Обвинетиот Александар Диневски прибавувал податоци со степен на државна тајна, а потоа ги доставувал или директно на странските разузнавачки служби или му ги давал на обвинетиот Марјан Ефремов, кој ја формирал групата за уцени, изнуди и шпионажа и ја координирал од 2009 до 2013 година, регрутирајќи нови членови во мрежата. Со обвинетиот Мирослав Зафировски од УБК прибирале податоци за луѓе од ЦИА присутни во Македонија и за штаб на ЦИА во Ирак. Тие прибирале и податоци за организациската поставеност на УБК“, рече Јосифовска за „Шпион“, кое СЈО врз база на нови прислушувани разговори го презеде од Обвинителството за гонење организиран криминал и корупција.
Ефремов, според обвинението, групата за изнуда и тргување со тајни информации од безбедносните служби на Македонија ја направил во 2009 година и, како што тврди обвинителството, тој е мозокот на целата операција. Информациите им ги продавале на Кост Н. од грчката разузнавачка служба, Петар Н. и Јуриј Н. од унгарската и на други лица од странски разузнавачки служби.
Секој од обвинетите, зависно од тоа во која институција работел, снимал службени документи, кои потоа им ги продавал на грчката, руската, унгарската и српската разузнавачка служба. Обвинети во овој случај се и тогашниот шеф на Кабинетот на претседателот на Собранието, Трајко Вељаноски, генералот Горан Стојков, Миќо Насковски, Ѓорѓи Хаџимицев, Цветан Дамјановски (заедно со други нивни колеги од МВР, УБК, АР и Военото разузнавање, кои дел се веќе осудени) и Зоран Божиновски, кој во групата имал улога ако уценуваните не дадат пари, тој да ги објавува, како што вели обвинителката, во порталот „Буревесник“ или во други медиуми во кои работел. Божиновски е обвинет за злосторничко здружување, шпионажа и уцена.
Обвинетите не се чувствуваат виновни, а тврдат и дека целиот процес е монтиран. Во предметот првично беа опфатени 19 лица, од кои неколкумина ја одлежаа затворската казна. Предметот го суди судијата Владимир Туфегџиќ. На конференциска врска треба да сведочи и Драган Даравелски, кој, според обвинението, исто така бил уценуван од обвинетите.