Затворањето на Охридско лето ќе биде на просторот од поранешната касарна наместо во црквата „Света Софија“

Затворањето на Охридско лето ќе биде на просторот од поранешната касарна наместо во црквата „Света Софија“

Театарската претстава „Ничија земја“ во изведба на Македонски народен театар, што на 20 август ќе го затвори годинешното 57. издание на фестивалот Охридско лето, наместо во предворјето на црквата „Света Софија“, ќе се одигра на просторот од некогашната воена касарна во Охрид.

Сцената е автентична со приказната во претставата бидејќи темата е војна. Самиот простор кај некогашнта касарна што ѝ служел на армијата ќе даде дополнителна симболика на случувањата.

„Ничија земја“ е слика на апсурдот на балканските народи и нивните ирационални интеракции како во мирнодопски така и во воени услови. Драмската ситуација – војна во која се развива оваа црна комедија, е метафора на нашата перманентна духовна, но и фактичка состојба на војна и омраза до братските соседни народи, но и внатрешно меѓу луѓето.

Директорката на Националната установа Охридско лето, Сузана Вренцовска, смета дека фестивалот треба да се отвора кон нови сцени зашто самиот град го нуди тоа.

– Ова е одлична можност да се отвори фестивалот Охридско лето како сцена. Охрид е град каде што буквално секое катче, секој агол, може да се претвори во сцена – вели Вренцовска.

Свеченото затворање на оваа најголема музичко-сценска манифестација во Македонија и во регионот ќе биде на 20 август.