(ВИДЕО) Затвореници и чувари препишуваат терапии и лекуваат во македонските затвори

(ВИДЕО) Затвореници и чувари препишуваат терапии и лекуваат во македонските затвори

Во време на крупни политички промени воопшто не е чудно што една вест помина речиси незабележливо. Владата на Република Македонија се согласила да му исплати отштета во износ од 9.000 евра на семејството на еден Ром кој почина во затвор во сомнителни околности.

Исплатата е дел од вонсудската спогодба која беше објавена на 16 јуни 2017 година и со која се става крај на предметот против Македонија кој се водеше пред Европскиот суд за човекови права во Стразбур уште од 2014 година.

Ова е само еден од случаите што го отвора прашањето за здравствената заштита во затворите. Колку системот на здравствена заштита е ефикасен и достапен? Колку се оправдани сѐ поголемите сомнежи во јавноста дека поради задоцнета реакција и ненавремена здравствена помош на осудените и притворени лица  во затворите се умира. А затворските власти ги евидентираат овие случаи како природна смрт или се обидуваат да ги минимизираат.

„Макфакс“ истражуваше на оваа тема и дојде до шокантни сознанија што се случува во затворите. Повеќе соговорници со кои разговаравме ни потврдија дека чуварите им делат терапија на затворениците и на притворениците и ги распознаваат по боја и форма. Од нивната процена зависи дали и кога ќе биде повикана брзата помош. Најскандалозни работи се случуваат во женското оддделение на најголемиот затвор во државата, каде што затвореничка осудена за наркотици дели терапија, па дури и прави коктели од лекови по свое наоѓање.

Каква е сегашната ситуација во затворите? Ова е сведоштво на еден од затворениците кои во моментот се наоѓаат на издржување неколкугодишна казна во најголемиот македонски затвор во Идризово.

Новинарот Томислав Кежаровски пред четири години помина осум месеци во притвор во истражниот затвор во Шутка. Од прва рака говори што се случува зад затворени врати. Тоа беше повод и самиот да се ангажира и да почне проект кој ќе се занимава токму со прашањата за здравствена заштита.
Во согласностс со Законот за здравственото осигурување предвидено е задолжително осигурување на лицата што се на издржување затворска казна. Но, и покрај ваквите одредби, тимот на националниот превентивен механизам на народниот правобранител утврдил дека ниту едно од осудените лица не е осигурирано како лице,кое е на издржување затворска казна.

Со измените и дополнувањето на Законот за извршување на санкциите од 6 декември 2013 годин предвидено е здравствените услуги во казнено-поправните установи да ги извршуваат здравствените работници вработени во јавните здравстени установи што вршат примарна здравствена заштита во мрежата на здравствените установи, на чие подрачје се наоѓа седиштето на установата.
Тимот на народниот правобранител дошол до заклучок дека е прекршен и куќниот ред на затворите, кој предвидува задолжителен медицински прием при приемот во установата. Ова е директно непочитување на одредбите од куќниот ред, кои предвидуваат дека при прием на лице во установата се врши прием во рок од 24 часа. Но, во исто време и во спротивност со стандардите на Европскиот комитет за спречување тортура.

Од Управата за извршување сакнции не добивме одговори на нашите прашања поврзани со здравствената заштита на затворениците, а особено за тоа зошто затворениците не се осигурани, иако е тоа законска обврска, како и колку неефикасната здравствена заштита може да биде фатална за животот на затворениците.

Директорката Лидија Гавриловска во кусиот телефонски разговор побара прашањата да ѝ бидат испратени на службениот имејл. Но, и по повеќе од две недели таа не одговори на поставените прашања, а од нејзината секретарка ни беше кажено дека е на годишен одмор.

Според податоците објавени во медиумите, од 2008 до 2016 година починале 71 лице. А само од почетокот на оваа година досега 7 лица. Од Управата тврдеа дека сите починале од природна смрт.
На листата на Советот на Европа за смртноста во затворите Македонија е високорангирана со 45,7 починати на 10.000 лица, што е над европскиот просек, кој изнесува 31,3 лице.
Одговор побаравме и од Министерството за здравство.

Во писмениот одговор ни беше кажано дека се фактурираат само услугите за лекување на лицата со изречена мерка лекување и чување во здравствена установа.

Средствата за оваа намена се обезбедуваат со Програмата за здравствена заштита на лицата со душевни растројства, која се донесува секоја година, а за годинава ставката за оваа намена изнесува 36,7 милиони денари. По потреба се обезбедуваат и дополнителни средства за оваа намена.

Министерството за здравство обезбедува и метадон и бупренорфин за сите лица со болести на зависност во затворите и казнено-поправните установи во државата.

Фактурирањето на здравствените услуги дадени на секундарно и терциерно ниво е во надлежност на Управата за извршување санкции имајќи предвид дека тие трошоци се дел од буџетите на казнено-поправните установи и затворите.

Осудените и притворените лица во согласност со Законот за здравственото осигурување се задолжително здравствено осигурани и во согласностс со Законот придонесот е на товар на Управата за извршување санкции.

Искуствата од теренот, но и фактите на народниот правобранител, го покажуваат спротивното.
Премногу материјал со кој треба да се занимаваат новите македонски власти во наредниот период, но и затворската управа. Бидејќи сликата за тоа колку една држава е демократска и ги почитува човековите права и слободата се гледа и низ призмата за состојбата на затворите. А нашата слика е прилично искривена и заматена.

Гордана Дувњак